Јовановиќ: Без разлика дали ќе се крене ветото, мора да останеме на европскиот пат, Македонија нема шанса без Европа и САД

од Vladimir Zorba
393 прегледи

Францускиот предлог го разбирам исклучиво во контекст на војната во Украина, па во таа смисла повеќе го тумачиме отколку што таму има нешто конкретно кое треба да се направи, освен тоа што Бугарите, се разбира, треба да влезат во Уставот на државата како малцински народ. Дополнително, Бугарите се луѓе, а не се само етницитет, па бидејќи се луѓе, тие имаат свои човекови права. Тие права можат да бидат остварени кога ќе влезат во Уставот на Северна Македонија. И тука нема ништо спорно, вели во краток разговор за Локално аналитичарот Ненад Јовановиќ, по повод францускиот предлог за кревање на ветото на Бугарија за старт на почетокот на преговорите на С.Македонија со ЕУ.

Како што имаме седум малцински народи кои се влезени во Уставот, продолжува тој, може и треба да влезат и Бугарите.

Сепак потенцира и дека последицата од војната во Украина има за цел рушење на досегашната архитектура на надворешната политика, па со самото тоа се создаваат и дополнителни поделби во ионака поделената земја.

-Владата на Ковачевски во оваа војна стратешки е на страната на Украина, ја осуди инвазијата на Русија, а со тоа вредносно и идејно е на страната на Западот, Европската унија и САД. Тоа мора јасно да го потенцираме. Лесно е во мирнодопски времиња да се вели дека „ние сме со сите“, ама ова не се такви времиња. Оттука, правецот на оваа државата мора да биде јасен: за ЕУ, со САД, против војната во Украина, истакнува Јовановиќ.

На прашањето дали предлогот е направен со цел С.Македонија да го одбие, бидејќи е оценет како позитивен за Бугарија, Јовановиќ е категоричен дека Европа од 20 век и Европа и денес, тоа се две различни работи.

-Европа од 20 век изгледаше многу поинаку од ова што денес изгледа. Денес Русија себе се доживува како неевропска сила, а така не беше во 20 век. Мислам дека тука е коренот на проблемот. Имено, руската агресија во Украина е последица на тој неевропски менталитет и дух што се разви во Советскиот Сојуз, а потоа се пренесе и на Руската федерација. Денешната Руска федерација не верува на ништо кое доаѓа од Европа и е во конфликт е со неа. Украина, Зеленски, обратно, тие луѓе се спремни да умрат за идеалите на Европската унија на мир, пријателство и братство со прогресивните народи. Така е и кај нас, вели тој.

Сега настапува период, смета аналитичарот, во кој некои ќе почнат да негираат се’ што доаѓа од Европа, поточно од Франција, вклучително и нивниот француски предлог.

-Не го негираат затоа што не веруваат, туку ако го негираат, тоа го прават заради одвратен опортунизам. Климата во земјава е страшно пореметена, и жалам што е така. Десничарите се во налет, со пена во устите, мразат се’ што од Европа доаѓа. Но, што и’ да се случи за неколку денoви околу подигнувањето или неподигнувањето на ветото од Бугарија, ние мораме да останеме на европскиот пат. Во спротивно, ќе биде страшно тешко во се’. Пред се’ со живот во оваа земја, а камо ли за нешто друго. Ние немаме никаква шанса без Европа и САД. И конечно, треба да ги јакнеме уште повеќе и уште посилно проевропските сили во земјата, дециден е Јовановиќ.

За најавата на Мицкоски на протестот кој неговата партија го одржа во Скопје, дека „Бугари во Устав нема да има“, тој е на мислење дека ВМРО-ДПМНЕ е неполитичка организација, длабоко компромитирана, преполна со криминали и е „нерелевантна во политичка смисла“.

– Без разлика што лицитира со бројки, таа партија не гледа ништо и никого освен себе, односно себе на власт. Власт разбрана како лично вледеење со поданици, а не управување на моќта и афирмирање на граѓани. ВМРО-ДПМНЕ е неевропска политичка партија. Знам, тие сега ќе врескаат, ќе се лутат, ама тоа е вистината. ВМРО-ДПМНЕ освен етнички македонци, други малцински народи не гледа. Тоа за неа се обични „керефеки“. Тоа за неа е обичен декор. Дури не разбира дека со влегувањето на бугарите во Уставот, се остварува и владеењето на право, како врвен цивилизациски дострел на самата Европа, посочува Јовановиќ додавајќи дека „националисти, дезинтегратори, немаат време со такви детаљи да се занимаваат“.

-Тие ја имаат оваа логика: ние сме тука од 7. век, а сите вие сте дојденици. Што може со такви луѓе да правите? Ништо. Апсолутно ништо. Оттука доаѓа нивната нерелевантност во политиката, тврди новинарот.

Во однос на тоа треба ли полека земјава да се подготвува дека можеби ни треба поинаков пристап кон „ЕУ членството“ по сите пречки кои ги надминавме и чекањето долго 17 години за старт на преговори, истакнува дека Македонија мора да остане во големиот сојуз на НАТО, Европа и САД, по овој редослед.

– Да се биде мудар и внимателен, бидејќи ова се навистина драматични времиња. Од друга страна, мора да го кажам и следното, а тоа нема никој да ви го каже: кога ќе се реши прашањето со Бугарија, се’ друго ќе се реши во оваа земја. Нема „трет пат“ за Македонија. Македонија има еден и единствен пат: решение на последниот билатерален спор со Бугарија и интеграција во Европа. А, ако барате „трет пат“, на никому нема да чините. Понајмалку на себе, додаде Јовановиќ.

В.З.

Слични содржини