Јовановиќ за фракцијата во ВМРО-ДПМНЕ: Големо прашање е колку Мицкоски има поддршка после локалните избори

од Vladimir Zorba
385 прегледи

Се шири „фронтот“ против лидерот на опозицијската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Членот на ВМРО-ДПМНЕ, Оливер Андонов заедно со неколку сопартијци од пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ најави нова фракција за „ревитализирање“ на ВМРО-ДПМНЕ и побара оставка од претседателот на партијата.

Андонов оцени дека „Мицкоски е потрошен политичар“, а неговата иницијатива ја дистанцираше од било какви други влијанија, како од СДСМ, така и од „Мериот коалицијата“.

За новата група незадоволни членови во „Белата палата“, политичкиот аналитичар, Ненад Јовановиќ во разговор со „Локално“ тврди ако во опозициониот живот нема демократски фази на фракции, тогаш се работи за неслободна и тоталитарна партија во која, како што вели тој, „само тесна група на луѓе воспоставува страв и терор“.

-Ја слушав прес-конференцијата на Оливер Андонов, па се присетив на едни минати времиња во кои и тогаш, како и денес, како и секогаш додека има свет и век, никогаш не е на одмет уште повеќе слободи, уште повеќе иницијативи, уште повеќе визии за земјата во која живееме. Оваа позиција моја е чисто начелна. Другата моја позиција е ангажирана: ако Оливер Андонов вели дека им фали слобода, дека немаат можност за партиски фракции, поточно имаат, ама не смеат да зборуваат, тогаш јас на тој човек му верувам. Затоа што внимавајте, ако во опозициониот живот нема демократски фази на фракции, тогаш се работи за неслободна, тоталитарна партија во која, само тесна група на луѓе, според приниципот на субординација „од горе кон долу“, воспоставува страв и терор, тогаш, во таа смисла, имаме класично автокартска и ултраконзервативна структура која, само прашање е на денови кога ќе влезе во апсолутна диктатура, појаснува аналитичарот.

Јовановиќ посочува дека „каква структура создаваш во партијата, такво општество и ќе имаш“, додавајќи дека ако партијата е авторитарна, тогаш и наследувањето на институциите на следните избори ќе бидат недемократски, „во служба на мала група на луѓе“.

-А такви работи веќе поминавме во ерата на груевизмот. Која будала сака повторно на тоа ниво да се вратиме? Што се однесува до вашето потпрашање, „колку е сериозен обидот да се урне Мицкоски“, мислам дека е погрешно формулирано. Подоброто прашање е: колку е спремна ВМРО-ДПМНЕ, како структура, како менталитет, да прифати реформа и некои демократски владеења, некои пристојни, нормални и човечки политички битија, без оние нивни патоси и фатуми од типот, „ние сме стари 200 години“ и слични митологии. Важно прашање ќе биде, колку ВМРО-ДПМНЕ е способна самата во себе да пронајде елита која ќе ја види партијата кон Европските политики? Нивниот конзервативизам не е лош, напротив, и Винстон Черчил беше конзервативец, ама не ваков конзервативизам како на Мицкоски. Черчил донесе мир во светот, а Мицкоски што им носи на Македонците?, прашува тој.

Ненад Јовановиќ

Ненад Јовановиќ

На прашањето зошто сега се појавуваат овие незадоволни „ветерани“ во ВМРО-ДПМНЕ и дали ова се случува во позадина на препукувањата со градоначалничката на Скопје, Арсовска за спорниот тендер за пречистителна станица, аналитичарот вели дека во оваа ситуација лидерот покажал дека е опседнат со својата фигурна седната на тронот, „нечувствителен за ниедно важно прашање за државата и граѓаните“

-Пред некоја ден живи ги фатија со 130 милиони евра, како што рече и градоначалничката Арсовска, „фатени живи во медот“. Извинете, на што личи таа политика негова денес, се однесува како апсолутно дезориентиран, изгубен, опседнат со своето јас, опседнат со својата фигурна седната на тронот, нечувствителен за ниедно важно прашање за државата и граѓаните. Освен за себе и тие кои му ја легитимираат столицата во криминалната „Бела палата“. Јас таква партија не сакам да владее во мојата земја. И молим лепо! Тоа што Мицкоски мисли дека на „локално е силен“, на тоа не би играл многу. Големо е прашање колку, после локалните избори, навистина го поддржуваат како лидер. Од локалните избори измина цела една година, со исклучок на неколку градоначалници, работата „на терен“ е катастрофална. Погледајте што зборуваат во Битола, слушнете што се зборува во Охрид, Струга… слушнете што се зборува во останатите градови од државата. Ситуацијата со неговата градоначалничка испостава е очајна, подвелкуа тој.

За тоа дека ситуацијата во опозициската партија не е „сјајна“, според аналитичарот, говори и раздорот кој се случи во главниот град Скопје.

-Погледајте го тој бес на градоначалничката Арсовска, па потоа слушнете ги небулозите, да речеме, на Трајко Славески од пред некој ден, претседавачот на град Скопје. Вели, внимавајте ве молам, за да работел ефикасно, кутар Трајко, му требало нова лимузина, најнов ајфон и нова секретарка. Мислам, ви се молам. Па, такви изјави нема ниту во детска градинка, а не пак во најголемата градска општина во државата. Во Старо Нагоричане имаат подобар и поквалитетен јавен речник, нека не ми земат за зло што ги споменувам, едноставно ги посочувам како пример, оценува Јовановиќ.

За тоа дали новата фракција ќе заврши како таа пред две години, кога се бараше вонреден конгрес за смена на Мицкоски, аналитичарот смета дека Андонов треба да има повеќе „јавност“ за своите политики, додавајќи дека „без слобода нема демократија, а најчесто нема ниту леб“.

– Оливер Андонов не е од вчера во политиката. Му посакувам среќа и би му рекол да си бара што повеќе јавност за своите политики. Јавност и терен, ама доволно знае и сам што треба да прави. Јас на сите луѓе кои велат дека им недостига слобода, им верувам. Без слобода нема демократија, а најчесто нема ниту леб. Всушност леб во неслобода може и’ да има, ама ви го даваат „на лажичка“. А тоа не е позиција за слободни и достоинствени луѓе, вели тој.

Б.М.

Слични содржини