Јовановиќ: Ако можете да обезбедите 100 милиони евра за антикризни мерки кои ќе важат пола година, можете да обезбедите и 200 милиони да важат цела година

од Nikola Popovski
599 прегледи

Лош тајминг – вака дел од експертската јавност го оценува новиот пакет антикризни мерки кои на владина седница беа изгласани во вторникот. Сметаат дека намерите на Владата не се да им се помогне на луѓето кои настрадаа од кризата, туку да се купат гласови пред избори. Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии се согласува со констатацијата на опозицијата дека мерките доаѓаат на само неколку месеци пред изборите, и се со рок на траење таман до изборите, што ги отфрла сите можни дилеми околу мотивацијата за мерките.

-Можно е да придобијат одредени гласачи кои ќе осетат директна финансиска корист, но ќе ги одвратат гласачите на кои им е смачено од ваков евтин популизам, вели Јовановиќ за „Локално“.

Според него, тајмингот е дефинитивно задоцнет. Посочува дека скоро две години имаме криза која направи бројот на сиромашни во државата да порасне за повеќе од 100.000.

-Со месеци имаме протести на пензионерите и вработените во јавниот сектор. Владата постојано се оглушуваше на сите нивни барања, и сега одеднаш ѝ текна да зборува за сиромашните и за помагање на луѓето да се справат со кризава. Ќе имаат мерките некој позитивен економски ефект, ќе им помогнат на некои граѓани полесно да ги преживеат овие 5-6 месеци. Ќе ја живнат малку и економијата, зашто 100-ина милиони евра ќе се вбризгаат во стопанството. Ама сѐ тоа ќе биде краткотрајно и ќе заврши за пола година. И кога луѓето ќе се разбудат после тоа, ќе имаат тежок мамурлак, кој ќе ги држи со месеци, оценува економскиот експерт.

Дециден е дека Владата треба да се фокусира на трајни решенија. Предлага сите овие мерки да се трансформираат во трајни.

-Наместо да важат 5-6 месеци, да важат засекогаш. Така би се ублажил малку и растот на сиромаштијата од изминатите две години. Не ми е јасно зошто владата не се реши на таков чекор. Ако можете да обезбедите 100 милиони евра за овие мерки кои ќе важат пола година, можете да обезбедите и 200 милиони, за мерките да важат цела година. Тоа е капка во буџетот кој наредната година ќе достигне 5,5 милијарди евра. Не знам дали не им е гајле, дали не разбираат, или просто не сакаат, објаснува Јовановиќ.

Деветтиот пакет антикризни мерки тежи 662 милиони евра и е со 26 мерки. Стопанството ќе биде поддржано со преку 492 милиона евра. И граѓаните очекуваат ефекти, особено за стопанството и младите. Опфатени се 440.000 граѓани од ранливите категории, млади и пензионери.

Првата мерка е наменета за учениците и студентите. 105 основци и средношколци ќе добиваат по 1.200 денари, односно 1.800 секој месец. Околу 15 илјади студенти кои живеат надвор од местото на студирање ќе добијат ваучер за превоз во вредност од 600 до 1.200 денари. Мерката ќе трае до крајот на учебната година односно до мај, а за студентите до јуни.

Мерките даваат можност и за зголемување на платите во приватниот сектор од 3.000 до 10.000 денари. Условот е последните три месеци да не е исплатена плата повисока од една ипол просечна, со што работодавецот ќе биде ослободен од плаќање на придонесите за вработените.

Мерките почнуваат да важат од наредниот месец. Паричната помош за дел од нив ќе се префрла уште во декември, додека за останатите исплатата ќе биде во јануари следната година.

Н.П.

Слични содржини