Јовановиќ: Намалувањето на кредитниот рејтинг на САД е повеќе симболичен потег, отколку реален проблем

од Vladimir Zorba
398 прегледи

Кредитниот рејтинг е оценка колку има шанси државата да банкротира, односно да не ги исплати долговите кои доспеваат, па затоа ова намалување на рејтиног на Америка од страна на „Фич“ значи дека агенцијата оценува дека веројатноста тоа да се случи се зголемила во однос на порано, вели за „Локално“ економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии во мини-анализа за случувањата преку Океанот.

„Фич“ наведе повеќе причини за намалувањето на рејтиног, ама две се главни.

Првата се проблемите со лимитот на државниот долг, кој пред неколку месеци за малку ќе доведеше до технички банкрот на земјата. Америка има специфичен систем на јавни финансии – имаат законско ограничување на максималното можно ниво на јавен долг, и ако долгот дојде до тоа ниво, државата веќе не може да се задолжува, па со тоа ни да ги врати долговите што доспеваат. Тоа ниво редовно се покачува, меѓутоа за да се покачиоваа година, беше потребно и Демократите и Републиканците да гласаат за, па Републикаците, кои се во опозиција, условуваа со одредени барања. На крајот се дојде до договор и се избегна банкрот, но поради овој проблем со лимитот на државниот долг, Фич проценува дека шансите за банкрот во иднина се зголемени. Другата причина која ја наведе Фич за намалувањето на рејтингот е трендот на раст на дефицитот и долгот на државата, поради што е влошена фискалната слика на земјата. Ова само по себе не е толку голем проблем, но кога постои ограничување на долгот, станува проблем, затоа што говори дека државата ќе продолжи да се задолжува, и дека и новото ниво на максимален долг за некое ќе биде достигнато, истакна Јовановиќ.

Намалувањето на рејтингот, според него, е повеќе симболичен потег, отколку реален проблем кој ќе предизвика сериозни последици.

Битно е дека се праќа порака, дека Америка има проблеми со системот на јавни финансии, пред сѐ со тој законски лимит на јавниот долг. Не се очекуваат некои големи последици. Берзите малку падна кога се објави веста, за околу 1%, ама веќе почнаа да растат, посочи економскиот аналитичар.

Рејтингот на САД е намален од највисокото ниво со ознака ААА за еден степен, на ниво АА+, но новата, понеповолна оценка на кредитниот рејтинг и натаму е во границите на инвестициската оценка.

Одлуката го одразува трендот на зголемена политичка поларизација и политички несогласувања околу трошоците и даноците во Вашингтон, кои сите заедно би можеле да ги чинат американските даночни обврзници, а понискиот кредитен рејтинг може да ги зголеми трошоците за задолжување на американската влада во иднина, пишува АП.

Официјални лица на администрацијата на Бајден силно ја критикуваа проценката на агенцијата за кредитен рејтинг Фич, а секретарот за финансии Џенет Јелен рече дека оценката е „произволна и заснована на застарени податоци“.

Таа тврди дека американската економија брзо закрепнала од рецесијата предизвикана од пандемијата на корона вирусот и дека економијата пораснала со солидни 2,4 отсто годишна стапка во кварталот април-јуни.

К.В.С.

Слични содржини