Јовановиќ: Револтот не смее да биде насочен само кон супермаркетите и бизнисмените, туку мора и кон политичарите

од Nikola Popovski
226 прегледи

Граѓаните дефинитивно треба да се приклучат на најавениот бојкот и во Македонија, мора да покажат кај кого лежи силата, кој е главен во државата, смета професорот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии. Тој во разговор за „Локално“ рече дека не може бизнисмените да се богатат додека луѓето гладуваат и осиромашуваат. Дециден е дека не може политичарите да ги слушаат само бизнисмените и да работат само за нив, а на граѓаните да им текнува само пред избори. 

-Со тоа што мислам дека е многу важно барањата на граѓаните да не останат само на тоа да се намалат цените, туку мора да се бараат и повисоки плати. И револтот не смее да биде насочен само кон супермаркетите и бизнисмените, туку мора и кон политичарите. Не само затоа што им дозволуваат на бизнисмените да прават што сакаат, туку и затоа што не сакаат да направат ништо за да се покачат платите. Откако е дојдена оваа влада, минималната потрошувачка кошничка е поскапена за 3000 денари, а просечната плата порасна само за 60 денари. Минималната плата ни толку. Затоа, граѓаните мора да бараат Владата под итно да ја зголеми минималната плата, како и платите во јавниот сектор, со што понатаму би се зголемиле и сите плати во државата, категоричен е Јовановиќ.

Околу Законот за нефер трговски практики, експертот вели дека тој не е лош во теорија, ама во пракса многу тешко ќе се имплементира и нема да има некои големи ефекти. Првиот проблем е што, според Јовановиќ, законот е базиран на контрола на маржите на фирмите, што многу тешко се спроведува во пракса.

-Особено кога ништо не е дигитално, туку за сѐ мора да отварате сметководствени книги, хартиени фактури и сл. Да има електронска фактура, па сите податоци да ги имате во систем, тоа ќе биде многу полесно, дури ќе може и да се автоматизира. Ама вака како што е сега, кога сѐ е на харија, многу тешко. И вториот проблем е што нема доволно инспектори за да ги прават проверките. Законот треба да го контролира посебна инспекциска служба, која не знам ни дали е формирана. Дури и да го спроведува пазарна инспекција, ни таа нема доволно луѓе – околу 100-ина инспектори за цела држава, што не е доволно за ова и за сѐ останато што треба да прават, објаснува професорот.

Премиерот Христијан Мицкоски има разбирање за акцијата на граѓаните овој петок да се бојкотираат маркетите поради високите цени, по примерот на Хрватска.

-Тука не треба да имаме никаква дилема, бидејќи од самиот почеток зборувам за однесувањето на поединци во овој бизнис и дека на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат високи профити. Институциите, пазарните инспекторати ја следат ситуацијата и навремено реагираат, изјави шефот на Владата.

Хрватите први ја поведоа акцијата и бојкотираа продавници, трговски синџири и бензински пумпи. На овој начин испратија порака до трговците за револтот поради зголемувањето на цените. Иницијативата „Ало инспекторе“ во Хрватска доби поддршка од Европскиот центар за извонредност на потрошувачите, здруженијата за заштита на потрошувачи, синдикатите, политичките партии, но и од министерот за економија. Според тамошната даночна служба, бројот на сметките во продавниците паднал за 44 отсто, додека износот на сметките паднал за цели 53 отсто. Вкупниот број на фактури – во сите индустрии, не само во трговијата – падна за 29 отсто, а износот на фактурите за 36 отсто.

Нашите потрошувачи, кои секојдневно се жалат на повисоки цени, решија дека треба да се приклучат кон слична акција. На социјалните мрежи низ земјава се споделува фотографија која повикува на бојкот на маркети на ден 31.01.2025 (петок) под мотото „Попусто попусти кога цените се исти“. Се повеќе граѓани ја споделуваат и велат дека ќе се приклучат и ќе бојкотираат.

Ако го споредиме хрватскиот со нашиот стандард, секако дека нашиот народ уште вчера требаше да крене глас против трговците, велат од ССМ. Најавуваат дека во догледно време и тие ќе го изразат револтот. Но, за да има ефект, велат, треба да се заложат и Владата и опозицијата, но пред сè народот.

Иста акција како во петок, се најавува и во Црна Гора, БиХ и Словенија.

Н.П.

Слични содржини