Откако Министерството за транспорт го објави вториот јавен повик за набавка на нови 150 еко-автобуси, дел од советниците во Советот на Град Скопје тврдат дека „не треба да се радуваме пред време“. Советничката Катерина Јовановски појаснува дека според јавниот повик, новите автобуси ќе пристигнуваат на рати.
„30 автобуси во рок од 6 месеци од потпишувањето на договорот со добавувачот, 60 автобуси во рок од 12 месеци и уште 60 автобуси во рок од 18 месеци и сето ова под услов да биде успешен јавниот повик, односно да не пропадне ко првиот. Што значи, во најдобар случај првите неколку нови автобуси ќе стигнат пред Нова година. Останатите здравје, негде околу 2028 година. Дотогаш и овие што сега ги имаме ќе се испорасипат“, тврди Јовановски, додавајќи дека да гласаа ВМРО-ДПМНЕ пред 4 години досега автобусите веќе ќе беа овде, ама, како што вели, „не гласаа и мува не ги лази за тоа“.
„Трпете и ќутете си. Си ги гласавте“, стои во објавата на советничката од редовите на Левица.
Како објавија пред 15-тина дена од страна на ресорот Транспорт, рокот за доставување на понудите е до 30 март 2026 година. Од Министерството велат дека инвестицијата е дел од поширока стратегија за почист воздух и поефикасен јавен превоз.
„Ова е дел од стратешкиот план за трансформација на градскиот сообраќаен систем и подигнување на економичноста на транспортната мрежа. Со оваа инвестиција испраќаме јасна порака во борбата против аерозагадувањето и подобрување на условите за граѓаните во користењето на јавниот превоз“, соопштија од Министерството.
Министерството за транспорт и врски во јуни распиша тендер за набавка на 120 еколошки автобуси, од кои 80 треба да бидат за Скопје, а 40 да се распределат во другите градови. Но, тендерот пропадна затоа што единствената фирма која се пријавила не ги исполнувала потребните услови. Оттогаш поминаа шест месеци, а нов тендер не е распишан.
За решавање на хаосот со јавниот превоз градоначалникот Орце Ѓорѓиевски гледа решение во Брзиот автобуски превоз (БРТ), кој беше почнат во време на ексградоначалникот Петре Шилегов, но стопиран во мандатот на Данела Арсовска и блокиран од советнците на ВМРО-ДПМНЕ. Ѓорѓиевски во изборната кампања, а потоа и кога стапи на функција, рече дека годинава во буџетот ќе бидат предвидени средства за да се продолжи со реализации на проектот.