Јовановска од Левица: Како Ѓорѓиевски уште првиот ден по преземањето на функцијата знаеше кој не одел на работа и кого треба да отпушти?

„Видливи ефекти од 72-часовната акција за чистење на градот имаше само во централното градско подрачје. Пристигнуваат информации од граѓани кои праќаат фотографии и алармираат дека нивната општина се уште е затрупана со ѓубре“, вели за „Локално“ Јовановска - предводничка на советничката група на Левица во Советот на Град Скопје

од Nikola Popovski
46 прегледи Фото: Фејсбук

Покрај чистењето на Скопје, новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски најави и брз ребаланс на градскиот буџет со цел да се обезбедат пари за почнување на нови проекти, но и за откочување на некои што се закочени повеќе години, како што е клучката кај Момин поток за решавање на сообраќајниот хаос во тој дел од градот, но и пуштање во функција на двата нови моста на реката Вардар – едниот во Карпош, другиот меѓу Аеродром и Гази Баба. Со ребалансот, кој ќе биде ставен на седница на Советот во петок на 14-ти ноември, треба да се обезбедат средства и за новогодишното украсување и прослава за дочекот на 2026 година.

Според дел од советниците од новиот состав на Советот на Град Скопје, ребалансот е прилично обемен и предвидени се дополнителни средства од 4 милиони денари за јавна чистота, но, како што велат, има зголемување и во други ставки. Според членот на Левица и советничка во Градскиот совет, Катерина Јовановска, најверојатно овие средства се наменети за покривање на трошоците за „генералката“ на градот, акција која што, како што вели, беше спектакуларно најавувана од новиот градоначалник.

-Е, сега прашање е кому ќе му се исплатат тие средства и кој се бил ангажиран за спроведување на оваа акција. Бидејќи стана пракса во Град Скопје и Буџетот и ребалансот да ни се доставуваат без подставки, поради што немаме точна претстава за која намена поточно се наменети средствата, на вчерашната координација на советничките групи побарав од Претседателот на Советот да има уште една координација, само за ребалансот на која што ќе побараме детални  одговори од службите во градот за што се однесува ребалансот и за што се наменети дополнителните средства. Во зависност од одговорите што ќе ги добиеме за намената на средствата, ќе заземеме став дали ќе го поддржиме ребалансот, вели Јовановска во разговор за „Локално“.

Во однос на најавите за новогодишно украсување и прослава во главниот град, советничката истакнува дека доколку предновогодишното украсување не бара трошење на дополнителнни средства од Буџетот не е проблем да се направи, но доколку тоа би чинело трошење на дополнителни средства од буџетот, според Јовановска, би било лудост при колабирани јавни претпријатија да се трошат народните пари за украсување.

Ѓорѓиевски објави дека се отпуштени 500 вработени од претпријатијата на Скопје затоа што се месеци, дури и години, не оделе на работа. Oд друга страна, екс-градоначалничката Арсовска му возврати дека лаже и побара да ги објави со име и презиме.„3 години за корка леб сите кои одеа на работа ти ги избрка да направиш место за своите партиски војници“, тврди поранешната „градска мајка“. Јовановска потенцира дека логично е ако некој не оди на работа да биде отпуштен, но овде се поставува прашањето како градоначалникот уште првиот ден по преземањето на функцијата знаел кој не одел на работа и кого треба да отпушти.

-Доколку тие информации ги имал од членовите на управните одбори на јавните претпријатија од кои мнозинство се од неговата партија, се поставува прашањето зошто до сега управните одбори не алармираа и ниту еднаш за тоа не го известија Советот на Град Скопје? Сите овие прашања видат кон сомневање од повторно превземање на политички мерки за ПР цели, а дали истите ќе се искористат за нови партиски вработувања ќе видиме многу брзо кога на дневен ред ќе дојдат плановите за вработување во јавните претпријатија, истакнува членот на Левица.

Околу став за 72 часовната акција за чистење на Скопје, соговорничката оценува дека видливи ефекти имаше само во централното градско подрачје. Како што вели, до нас пристигнуваат информации од граѓани кои ни праќаат и фотографии и алармираат дека  нивната општина се уште е затрупана со ѓубре.

-Ние веќе објавивме реакција за општината Аеродром, а ќе објавуваме и за другите општини каде се уште не е исчистено. Ова само уште еднаш докажува дека акциите кои толку бомбастично сс најавуваат од страна на новиот градоначалник имаат поголем ПР ефект, но помал реален бенефит за граѓаните. А колку точно ќе знаеме откако ќе добиеме дополнителни информации за ребалансот на денешната координација, објаснува Јовановска.

 

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на првата седница на новиот состав на Советот на Град Скопје/Фото: Фејсбук

Вчера во гостување на емисија на Националниот јавен сервис, во врска со најавите за злоупотреби во јавните претпријатија, Ѓорѓиевски повтори дека околу 500 лица биле отстранети од списоците на вработени бидејќи земале плата без да одат на работа. Според градоначалникот, станува збор за годишна штета од приближно пет милиони евра.

„Стојам зад сите факти што ги изнесов. Овие лица нема да бидат заменети со нови, бидејќи единствената нивна улога била да вршат злоупотреба. Потребно е не само нивно отстранување, туку и одговорност за тие што им го овозможиле тоа“, истакна тој.

Ѓорѓиевски информираше дека веќе имале средби со Финансиската полиција и најави дека институциите ќе си ја завршат работата.

Слични содржини