„Секоја година, особено во зимскиот период Скопје руши рекорди во загаденост, но освен паушални изјави и празни ветувања, властите не превземаат никакви конкретни мерки за решавање на овој проблем. Иако проблемот со загадувањето во Скопје е повеќедецениски, ниту една од партиите кои наизменично се менуваа на власт, не направи речиси ништо за намалување на загадувањето, ниту пак понуди трајно решение“, изјави на прес-конференција, координаторката на советничката група на Левица во Советот на Град Скопје, Катерина Јовановска.
Таа порача дека јавниот градски превоз е колабиран, нови еколошки автобуси нема, а Јавното обвинителство веќе три години не постапува по кривичната пријава поднесена од градот Скопје против загадувачот Цементарница УСЈЕ.
„Јавно прашуваме: До кога профитот ќе биде пред здравјето на граѓаните? Здравјето на граѓаните нема цена и затоа ние советниците на Левица во Советот на Град Скопје денес до Инспекторатот за животна средина при градот Скопје поднесовме Барање за вонреден инспекциски надзор во Цементерница УСЈЕ, како и низа на амандмани на Буџетот за следната година со конкретни мерки за намалувањето на загадувањето и тоа:
-Набавка на еколошки дрва со цел намалување на загадувањето на воздухот
-Субвенции за прочистувачи на воздухот за жителите на Скопје
-Субвениции за граѓани и фирми за набавка на филтри за оџаците“.
Јовановска истакна дека дел од овие амандмани советничката група на Левица ги поднесе и минатата година, но ниту еден од нив не доби подршка од советниците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
-Се надеваме дека оваа година советниците ќе имаат поголем слух и дека ќе дадат поддршка за овие амандмани. Исто така соопштуваме дека Левица ќе даде поддршка на најавениот протест во четврток против Цементарница УСЈЕ и се надеваме на масовно присуство на скопјани на овој протест, затоа што сепак се работи за здравјето“, кажа советничката во Советот на Град Скопје.