Судиите од Апелациониот суд со донесување на противзаконската одлука за прифаќање на прислушуваните и незаконски прибавени материјали како докази во судска постапка направија тотално дерогирање на постојните закони и рушење на функционалноста на целокупниот правен систем во државата, обвинија денеска од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Апелациониот суд падна на првиот тест на својата кредибилност, непристрасност и самостојност во донесувањето на одлуките, со што се направи непроценлива штета на правосудниот и судски поредок во Република Македонија“,изјави Крсте Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, судиите потклекнале под политичките притисоци кои континуирано ги правеле СДС и Зоран Заев изминатиот период и се ставиле директно во полза на режимот на Зоран Заев.
„Со скандалозната одлука судот најдиректно го прекрши Законот за кривичната постапка, кој во член 12, став 2 јасно и концизно вели дека: доказите прибавени на незаконит начин или со кршење на слободите и правата утврдени со Уставот на Република Македонија, законот и меѓународните договори, како и доказите произлезени од нив, не можат да се користат и врз нив не може да се заснова судската одлука“, рече Јовановски.
Според него, судската одлука претставува правен преседан кој ќе внесе правна несигурност кај граѓаните, ќе внесе чувство дека во една парламентарна демократија е возможен политички прогон во секое време на кој и да било ако некој политички моќник реши да се пресмета со своите неистомисленици.