Првообвинетиот за случајот „Меѓународен сојуз“ Бојан Јовановски денеска со полиција беше изнесен од судница, поради караница помеѓу него и судијката Софче Гаврилова Ефремова.
Јовановски на рочиштето кажал дека недостигаат материјали од неговиот телефон, кој го вештачеше МВР и дека не е виновен што тие не се презентирани, бидејќи форензичкото вештачење го добил летото.
Oткако Јовановски рече дека бил во пријателски односи со блиска роднина на судијката, Гаврилова-Ефремова побара интервенција на затворската полиција.
Тој ја обвини судијката Софче Гаврилова Ефремова за цензура и побара нејзино изземање од случајот од страна на в.д. претседателот Иван Џолев кого, пак, го обвини дека е корумпиран.
Во предметот, Боки 13 е првообвинет и се товари за делата измама и перење пари. Јасна Мандиќ-Ерцеговиќ, заменик-претседателка на невладината организација, и асистенката на Боки, Христина Блажевска, пак, се обвинети за помагање во овие дела, а Фросина Ременски се товари за помагање во делото измама. Таткото на Боки, Миле Јовановски, пак, е петтообвинет за помагање во перењето пари и за делото неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје, бидејќи при претрес во неговиот дом биле пронајдени три полуавтоматски пиштоли и муниција за кои немал дозвола. Како правно лице обвинета е и невладината организација.
Во овој предмет Обвинителството тврди дека двајцата бизнисмени, Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски, биле доведени во заблуда и измамени со проекти за изградба на Европски центар за возрасни лица и мобилни сервиси, па преку Македонската авторска агенција исплатиле речиси еден милион евра, Мицевски сума од 719 905, а Амзоски 233 821 евра.