Јовески: Голема чест е да бидеш избран за најдобар просветен работник на годината

од Vladimir Zorba

Професионалната надградба и усовршување се клучни за да се биде секогаш во тек со потребите на образовниoт процес, а наставните содржини да им бидат пренесени на учениците на интересен, иновативен и забавен начин за полесно и подобро усвојување. Како што се менува секој стил на живеење и работа согласно модерните текови и процеси, така и образованието мора и треба да биде процес што ќе се моделира согласно сите тие потреби, ќе рече Добри Јовевски, одделенски наставник во Основното општинско училиште „Илинден“, Kрива Палнака, годинашен добитник на признанието „Просветен работник на годината 2019/20“ во одделенска настава доделено од Министерството за образование и наука и Сојуз на просветни работници на РС Македонија.

Според него, ваквото признание значи валоризација на напорите на просветните работници да ги описменат со знаења и животни вештини учениците уште од најмала возраст, особено денес, во ерата на пандемија со Ковид-19 и новата ера на е-учење.

– Голема чест е да бидеш номиниран и избран за најдобар просветен работник на годината, особено во одделенска настава, кадешто учениците се воведуваат во процесот на образование и учење, воспитување и во школата на животот. Ова признание не е само за моите едногодишни залагања и труд во работењето, туку е плод на долгогодишно, континуирано професионално усовршување во сферата на образованието, следење на современите текови на учење и подучување на учениците, но и споделување на наученото со моите колеги, и од мојот работен колектив, а и пошироко.

Јовевски во својот 22-годишен работен ангажман како одделенски наставник има добиено многу награди и признанија за својата работа. Меѓу нив, неодминливи се оние со кои се закитил за примената на технологијата во наставата на иновативен начин и тоа Прва награда на Европско ниво и втора награда на светско ниво за проектот „Бабини игри“ со кој уште во 2011 година се промовираше ваквиот начин на настава и користење на технологијата во истата. Од „Интел“ во 2011 е награден за онлајн-наставни содржини, награда на „Microsoft филмски фестивал“, награда од Асоцијација на најдобри наставници од поранешните југословенски држави, Највисокото општинско признание на Крива Паланка, Осмо-октомвриска награда, награда за е-учење од „Office 365“, во 2019 година беше прогласен за просветен работник на годината во Општина Крива Паланка, за да годинава целокупниот негов труд и ангажман бидат највисоко оценети на национално ниво во РС Македонија со плакета и признание за најдобар одделенски наставник.

Вели дека навраќајќи се нананзад во годините од првите чекори на обучување на наставниот кадар за користење на дигиталната технологија во наставата и целокупните активности што ги применувал користејќи ја технологијата, од Microsoft- партнери во учењето, , Intel, „E- школо“-програма на USAID, сето тоа несомнено водело кон денешниот, за некои нов начин на учење, учење од далечина.

– Би рекол дека е тоа процес кој доаѓа како след на нештата што постојано човештвото како потреби ги изнаоѓа и адаптира, применува и интегрира за п добро и полесно функционирање и живеење. Како што се менува секој стил на живеење и работа согласно модерните текови и процеси, така и образованието мора и треба да биде процес што ќе се моделира согласно сите тие потреби. Во моментот кога се прогласи светската пандемија, овие процеси требаше да бидат тековни, променливи и адаптирани минимално и да се продолжи да се работи. Но проблемот е што ние во државата, во образовниот систем немавме континуитет во надградбата со професионално усовршување и користење на алатките за е-учење, а тоа беше причина многу мал број наставници да можат само да се префрлат онлајн, заедно со учениците и непречено да се продолжи процесот на едукација. Ние сме едукатори, педагози, учители, ние сме флексибилни , адаптибилни. Нашиот стил на работа постојано трпи промени и треба да се надградува, а овој начин на работа, настава од далечина, премногу фуриозно влезе во животот и на наставниците, и на учениците и на родителите, во целото општество. Некако, како неподготвени да го дочекавме сето ова, како нов стил и на работа и учење. Ниту материјалните средства, ниту техничките не беа на потребното ниво за да одговорат на потребите од примена на овој начин на учење, па говорејќи и од аспект на учениците, мора да признаеме, дека и нив и нам, ни беше поддеднакво тешко. Но, пак ќе нагласам, само со континуитет на надградба на капацитите, пред се на човечките ресурси, а потоа и на техничките, ќе бидеме на потребното ниво, раскажува Јовевски.

Ќе рече дека нашата држава беше прва земја во светот со целосна покриеност со интернет во образовните институции и дека пред 15 години земјата имаше платформа со онлајн наставни содржини.

-Ние бевме прва земја во светот со целосна прокриеност на интернет во училиштата и многу наставници обучени од основни и средни училишта за интеграција на технологина во наставата. Тоа беше платформа насловена schools.edu.mk, изработена во рамки на проектот на УСАИД, а секој наставник имаше обврска да прикачи одредени наставни содржини и материјали интегрирани со технологијата. Оваа платформа беше предадена на МОН на админситрирање и одржување, но за жал, нашите образовни политики се краткорочни и истата едноставно згасна. Уште од 2015 години се организираа вебинари за наставници, тоа не е ново за нас, а денес е повеќе од потребно и неопходно. Ние како образовен кадар имаме потреба и од соодветна литература во електронска форма, учебници, коишто, исто така, не се дигитализирани, што дополнително ни го олеснува процесот на е-учење. Ова се нешта коишто се значајни за да можеме полесно и посигурно да можеме да ги реалзиираме сите програмски содржини, за да се издигнеме над оваа новонастаната ситуација на учење од далечина, рече Јовевски.

Наставниците често со емпатија и разбирање се ставаат во улога на учениците, препознавајќи ги нивните потреби, а оттука и следот на нештата треба да биде во насока и надлежните да бидат со иста доза на разбирање усмерени кон просветните работници, па кога се креираат програмите, образовните политики и се она што се очекува од нив, да ги вклучат наставниците за став, мислење и сугестести по однос на реалните потреби, за целиот образовен систем да биде функционален и секоја алка од овој исклучително важен сегмент од општеството биде силна и целосна.

– Во оваа констелација, со пандемијата, ние сме соочени со многу нејаснотии, недоследности. Треба да се работи на повеќе платформи истовремено, од schools.mk, MC Teams, e-dnevnik…треба да се има континуитет во дневни подготовки, дополнителна и додатна настава, изработка на презентации, наставни ливчиња и ред други обврски кои го презаситуваат нашиот секојдневен ангажман, а го изместуваат фокусот од најважното – квалитетен образовен онлајн процес. На сето ова се накалемуваат и чести технички проблеми па одговараме на сите повици од страна на учениците и родителите за нивно надминување. Следејќи ваков тип настава се соочуваме со уште едне проблем, учениците често следат настава сами, а ние како нација немаме навики за следење онлајн настава, да се следи внимателно и да има интеракција. Родителите немаат ниту педагошко-психолошка подготовка за активна поддршка на децата во овој процес, така што, се огледа во целата ситуација вистинската улога и значењето на наставникот во животот на децата, во заедницата. Како учител работам и на едукација и на развој на животни вештини кај учениците, на поттикнување на самодоверба кај секое дете, мотивирајќи ги и инспирирајќи ги за да се соочат со секоја промена во животот, да се адаптираат и да бидат одговорни кон обврските. Така е и со онлајн наставата, која не е лесен процес, не е ни одблиску како видео презентација што изгледа совршено и тече беспрекорно, туку е процес на учење низ кој заеднички, на секој час, секој ден, раоботам со охрабрување на уечникот, да продолжи, да биде активен и да граби напред во животот, додаде Јовевски.

Сепак има многу ученици кои се надвор од процесот, немаат технологија, немаат интернет, не се на истата појдовна основа како нивните врсници и сите инволвирани мора да бидат совесни и свесни дека ни претстои огромен предизвик со кој сите ние треба да се соочиме, да се доспее до секое дете и да се вклучи во наставата, но мора да се работи на тоа, да добијат еднакви можности сите.

-Ние како нација се препознаваме по културните и просветни дејци, често историчарите се повикуваат на делата и дејноста на учителите, на нивното учителствување кое е просветлување во времињата кои ја творат таа историја. Не треба како нација и генерации да дозволиме овие времиња-невремиња да остават дамка на она што е свето и светло, на образованието, на учењето, на творењето, туку треба како учители и просветни работници да бидеме рол-модел, двигатели на прогресот, да ги учиме младите генерации критички да размислуваат. Да бидеме пример по кој ќе се огледа и обележи работењето и живеењето во оваа доба, да се памети по убаво и добро заклучува Јовевски.

Слични содржини