Јовески: Изминатата година се поведени дисциплински постапки против пет јавни обвинители

296 прегледи

Државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески денес оствари средба со новинарите. Имено на онлајн средбата, тој посочи дека изминатава година се поведени дисциплински постапи против пет јавни обвинители.

Исто така, Јовески потенцира дека еден обвинител од ОЈО Скопје, кај кого било утврдено нестручно работење, поднел оставка која ја констатирал Советот на јавни обвинители.

Меѓудругото посочено е дека е донесен Правилник за следење на квалитетот на работењето на јавните обвинители и нивното оценување, со што ќе се подобрува квалитетот на работењето.

„Ќе се оценува работата на секој обвинител посебно, квантитативно и квалитативно“, истакна Јовески и додаде:

„Нашата надлежност и предмет на работа бара постојан континуитет, целосна посветеност, лична директна комуникација со многу луѓе. Надлежни сме за гонење на криминалот, а тој не запира, дури и кога има пандемија. Обврзани сме со рокови во преземањето на нашите дејствија, на целосно прибирање на материјални и вербални докази за да имаме издржани обвиненија“, рече Јовески.

Во рамки на пандемиска состојба, како што додаде, со поинаква организација на работата, Обвинителството обезбеди непреченото одвивање на истрагите и постапките по другите предмети, почитувајќи ги целосно здравствените протоколи.

„Во оваа година обвинителствата постапуваа против над 25.000 полнолетни сторители на кривични дела. Само за време на вонредната состојба беа поведени и се завршени постапки против 3.500 лица за непостапување според здравствените прописи“, посочи Јовески.

Обинителството, како што вели, почитувајќи го начелото за пресумпција на невиност ги објавува сите информации, за кои нема законска пречка и кои нема да наштетат на постапката. Само во оваа година, како што посочи, објавени се 825 соопштенија, што е двојно повеќе од претходната година, а покрај тоа редовно одговарале на прашања за кои јавноста имаше интерес.

Јовевски во оваа прилика, потсети дека со години Јавното обвинителство има недостаток на материјални и човечки ресурси, со што многу им било отежнато работењето.

„Меѓутоа сакам да истакнам дека годинава беа избрани нови 18 јавни обвинители, а во завршна фаза е постапката за вработување на 70 работници на различни работни места од кои повеќето се неопходните јавно-обвинителски стручни соработници. Овие нови вработувања значително ќе ги подобрат капацитетите на јавното обвинителство, но сакам да кажам дека неопходно е и натаму да се засилуваат човечките ресурси во обвинителството“, истакна државниот јавен обвинител.

Од не помало значење, како што рече тој, е што во оваа година профункционираа четирите истражни центри во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и основните јавни обвинителства во Скопје, Куманово и Тетово.

Имајќи ја предвид Ковид кризата, за 2021, како што рече Јовески, е обезбеден Буџет на јавното обвинителство во висина од 0,2 отсто.

„Да нагласам дека треба сите да бидеме солидарни и да помогнеме во заложбите за справување со потешкотиите предизвикани од опасниот вирус“, додава тој.

Jавните обвинители, како што истакна Јовески, постапуваа и превземаа дејствија и по предметите преземени од Специјалното јавно обвинителство, со што во неколку предмети се поднесени обвиненија или други одлуки согласно доказните материјали, а продолжија и со застапување по предметите по кои претходно беа поднесени обвиненија.

Слични содржини