За случајот „Бехтел и Енка“ од надлежните институции се побарува одредена документација, а се преземаат и други доказни средства, но во овој момент не може да се соопштат повеќе детали, рече вечерва државниот обвинител Љубомир Јовески.
Во гостување на телевизија Телма, Јовески напомена дека Обвинителството за сите пишувања или коментари во медиумите не е добро веднаш да отвори истрага. Мора тие сомненија да се подигнат на повисоко ниво за да може да се отвори постапка по допрен глас.
-Имаме преземено конкретно со оглед дека се побарува одредена документација, се преземаат други доказни средства. Документација се бара од надлежните институции. Во моментот во кој се наоѓа сега предметот, не би можел да соопштам повеќе детали. Обвинителството отвори предмет по допрен глас во врска со тендерите за надзорот на автопатиштата. Има отворено и други предмети, но мора да прифатите дека за одредени предмети не може да соопштуваме детали во јавноста во делот на постапката, до каде се предметите, истакна државниот обвинител.