Јовески со последно обраќање: Состојбите не се лесни, но покажуваме истрајност во реформите, а тоа го препознаваат и сите меѓународни институции

од Nikola Popovski
264 прегледи

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески се обрати до јавноста преку писмо откако денеска му заврши неговиот шестгодишен мандат како прв човек на Републичкото јавно обвинителство. Тој истакна дека во изминатите шест години, Јавното обвинителство го започна процесот на трансформација од целосно затворена, кон институција отчетна и достапна за граѓаните.

-Состојбите не се лесни, но сепак покажавме и покажуваме истрајност во реформите, а тоа веќе го препознаваат и сите меѓународни институции. Во последниот извештај на Европската комисија навистина се ниски оценките за борбата против корупцијата во земјава и од тоа не можеме да бидеме задоволни. Но, ниту една критика не е насочена директно кон обвинителството. Напротив, се инсистира државата да ги обезбеди и да ги зголеми ресурсите за непречена работа на Јавното обвинителство. Сакам да истакнам дека често поради непознавање на реалната состојба или намерно, правосудството, а со тоа и Јавното обвинителство, се цел на неосновани напади, напишал Јовески.

Според него, со такви интереси секој си правеше анкети и ги презентираше како релевантни.

-Се создаде атмосфера дека довербата во нашата работа е нереално многу ниска. На пример, покрај другите предмети правосудството постапува и по граѓански во кои одлуката е во корист само на едната страна. И покрај тоа, во значителен број предмети странките ја прифатиле донесената одлука и не изјавиле жалба. Во јавното обвинителство, пак, бројот на поднесени кривични пријави од граѓани од година во година расте, што исто така е показател дека довербата на граѓаните во нашата работа се зголемува и е многу повисока од презентираната, пишува обвинителот во заминување.

Според него, во изминатите шест години можело да се направи повеќе, но тврди дека во ниту еден момент не престанал да се залагам за повеќе и за подобри резултати.

-Сакам да упатам една порака и до колегите јавни обвинители. Стрпливоста и упорноста се столбовите на секоја кариера во правосудството. Потрагата по правда е маратон, а не спринт трка на кратки патеки и затоа човек мора да одржува темпо и да е истраен. Ве повикувам во секоја можност да ја демонстрирате својата истрајност и решителност во борбата против криминалот. Не дозволувајте поединци да ја извалкаат професијата во која секојдневно се вложувате. Со чесна и напорна работа вашите резултати нема да останат непрепознаени од јавноста. Би сакал јавно лично да ви се заблагодарам за соработката која ја имавте со мене како прв човек на институцијата. Ја користам оваа прилика вам, на вашите семејства и на сите граѓани да ви ги честитам претстојните празници и да ви посакам многу среќа, здравје и успеси, стои во последното обраќање на Јовески.

Обвинителката Соња Симовска е избрана за в.д. републички јавен обвинител на денешната седница на Советот на јавните обвинители. Изборот следуваше бидејќи обвинителот Љубомир Јовески заминува во пензија.

Слични содржини