Генералните согледувања и оценки на експертите од областа на трудовото право во однос на планот за штедење на Владата се речиси на иста линија со толкувањата на синдикатите.
Професорот Лазар Јовевски во интервју за „Локално“, како особено спорен го посочува обидот да се „изигра“ легислативата и да се суспензираат колективните договори.
„Колективните договори кои се веќе потпишани и се во сила не може еднострано да се укинат на друг начин освен преку соодветно изменување на Законот за работните односи, кое ценам дека во овој момент не е можно, ниту пак би било рационално и оправдано во време на висока инфлација и брз раст на трошоците за живот“, категоричен е Јовевски.
Коментирајќи ги дилемите за евентуално намалување на платата за сите вработени кои ќе работат од дома, Јовевски потсетува дека висината на платата е веќе утврдена согласно законските прописи, односно дека секое изменување е противзаконско и недозволиво. Оттука, според него, ова прашање не само што не треба да отвора дилеми, туку е прашање кое не смеело ниту да се постави.
Спорни моменти препознава и во предлогот кој предвидува намалување на бројот на државните институции, агенции и фондови. Отпуштањето на вработени како логична последица ја става во директна корелација со апсурдната ситуација во која постојано се вработуваат нови кадри.
„Зошто пет години се отворале институции и се вработувале лица, ако треба да се намали всушност нивната бројка и по кој критериум ќе се отпуштаат работниците, дали новите вработени ќе си одат први или пак оние кои долги години веќе работеле во институциите, од кои има добар дел кои за некоја година би отишле во пензија?“, прашува Јовевски, посочувајќи дека сега е особено значајно синдикатите да истраат во напорите за рамноправен социјален дијалог.
Ретко кои предлог мерки досега предивикале толку реакции во јавноста како планот за штедење на Владата. Синдикалците се децидни дека на овој начин државата сака да заштеди но на грбот на работниците. Дали е навистина така? Дали го делите ваквото размислување?
– Па, излегува дека е така. Ако им намалиш плата на работниците, притоа ги задолжиш да работат од дома (барем оние работни места чии работни задачи може да се извршуваат од далечина), со што им се создава трошок за греење, вода, интернет, итн. Уште додека траеше Ковид кризата работењето од дома ги отвори овие прашања и дилемите сè уште постојат во однос на плаќањето на трошокот за работење од дома. Ако поаѓаме од тоа дека согласно ЗРО работодавачот е тој кој го организира работниот процес, треба да му обезбеди на работникот целосно услови за работа, без оглед на тоа каде се извршуваат работните задачи, што пак подразбира дека трошоците за струја, вода, интернет, ИТ опрема и сл. треба да ги покрие работодавачот. Бидејќи во случајот со предложените мерки за заштеда на електрична енергија државата е таа која ќе заштеди, излегува дека трошоците кои ќе настанат за извршување на работните задачи од дома ќе паднат на работникот, што е апсолутно неприфатливо, а згора на тоа и да се намалат платите, за кои гранските синдикати вложија многу време и напори всушност да издејствуваат пкачување со цел работниците да можат да ја преживеат инфлацијата.
Како особено опасен преседан, Синдикатот ги посочи намерите на Владата да ги суспензира колективните договори. Како дојдовме до ситуација државата да стави рака на овие договори, особено ако ја имаме предвид изјавата на министерката за култура дека платите не може да се уредат со колективен договор, туку според закон?
-Колективните договори кои се веќе потпишани и се во сила не може еднострано да се укинат на друг начин освен преку соодветно изменување на Законот за работните односи, кое ценам дека во овој момент не е можно, ниту пак би било рационално и оправдано во време на висока инфлација и брз раст на трошоците за живот. Колективните договори може да се откажат, но тоа мора да биде уредено со самите одредби на колективниот договор. Секој друг начин на укинување на овие договори е противзаконски и не би смеело да се случи.
Тврдењата дека со закон треба да се уредуваат платите веројатно се однесуваат на платите на административните службеници за кои бодот се утврдува со Законот за административни службеници, но тоа не е пречка истите да се утврдат и со колективен договор бидејќи колективните договори се правни инструменти уредени со Устав и со Законот за работните односи, како и со конвенциите на Меѓународната организација на трудот, кои пак се ратификувани од страна на Република Македонија. Така што, системски не може да се укинат бидејќи се дел од систем кој е во согласност со меѓународните трудови стандарди и не е точно дека во јавната администрација само со закон се уредуваат платите.
Синдикатите веќе најавија нивно обединување поради ваквите предлог мерки посочувајќи дека е неприфатлив обидот да се погазат некои од одамна извојуваните права. Колку релно би била нивната обединувачка моќ?
-Синдикатите треба да останат на страната на работниците и пожестоко од кога било досега да ги заштитуваат интересите на работниците. Со обединувањето синдикалната моќ очекувам да се зајакне, но мора да издржат до крај и да не потклекнат на никакви притисоци, уцени ниту пазарења. Изминативе месеци бевме сведоци дека водат тешки битки со власта која одвај ги сослушува, така што секој нов обединет напор верувам дека ќе им даде поголем простор за преговарање и исполнување на барањата. Не велам дека ќе биде лесно, ниту пак очекувам дека ќе имаат отворени врати и можност за рамноправен социјален дијалог, но важно е да останат заеднички посветени и истрајни бидејќи се работи за животите на бројни семејства кои уште сега се соочуваат со недостиг на финансии за пристоен живот.
Многу дилеми предизвика и предлогот за работа од дома на одреден процент на вработените , со што висината на платата ќе биде утврдена согласно законските прописи и нивниот ангажман, но и со воспоставување ефективен надзор и контрола на работењето од дома од страна на секоја институција.Дали тука препознавате спорни моменти и кои се тие според Вас? Дали тоа по автоматизам ќе значи и намалување на нивните плати? Може ли тоа да се стори спротивно на колективните договори?
-Добар дел од ова прашање го одговорив веќе, нема да се повторувам, и тоа значи да, препознавам спорни моменти. Нарушување на приватноста во домот- од каде правото на институциите да вршат надзор во ДОМОТ на административниот службеник и како тоа ќе се спроведе, што тоа значи?! Висината на платата е веќе утврдена согласно законските прописи, секое изменување веќе реков е противзаконско и недозволиво. Не би рекол дека е ова прашање кое треба да отвори дилеми, туку е прашање кое не смееше ниту да се постави. Кризава беше на повидок уште пролетта и државата имаше навистина доволно време за преземање мерки со кои можеше барем добро да ја амортизира кризава, ако веќе не може целосно да се спречи.
Предложеното намалување од 10% се однесува на платите на административците во единиците на локалната самоуправа и во јавните претпријатија и трговски друштва во државна сопственост, но не и на платите на административните службеници под централна власт. Како го толкувате ова решение?
-Да, како што стои во записникот од 88-та седница на Владата намалување од 10 % е предложено за платите на административците во единиците на локалната самоуправа и и за јавните претпријатија и трговски друштва во државна сопственост. Од друга страна, платите на административните службеници под централната власт би останале исти, не се планира укинување на додатоците на плата кои ги добиваат поединци (според неофицијални податоци со кои располагам, добиваат 15 или 30 % покачување на плата), ниту пак се забранува покачување на платите како што веќе имаат донесено решенија одредени министерства. Ова е дискриминаторски однос спрема администрацијата во општините и вработените во наведените претпријатија, а исто така ме наведува да помислам дека мерките се смислено селективни, бидејќи власта во локалните самоуправи во најголем дел е опозициска. Во крајна линија, па и ако е ова точна претпоставка, дали е време и место за политички пресметки кои паѓаат на товар на граѓаните, односно ги осиромашуваат во време на тешка криза? Не можам да го толкувам ова „решение“ како решение, туку напротив, го гледам како проблем.
Реформата која вчера ја обелодени синдикатот опфаќа и намалување на бр.на државни институции, агенции, фондови,…од 1400 на 600.Наспроти одлучноста на синдикатите да не дозволи ниту еден работник да остане без работа, какви се реалните ризици од тоа?
-Ако се намали бројот на институции секако дека ќе се отпуштат вработени, јасно е дека таков би бил исходот. Не можам да негирам ниту дека ЕУ одамна алармираше за намалување на бројот на јавна администрација, но наспроти тоа овие пет години имаше постојано огласи за вработување по институциите за згрижување партиски кадар пред сè. Се најавуваше план дека вработени од администрацијата со некаква поддршка од државата ќе можеле да преминат во приватен сектор, но остана само на изјави сето тоа.
Според податоци од Регистарот на вработени во јавниот сектор во 2016 година, кога за прв пат јавниот сектор почна да се брои, 129.653 лица биле вработени во јавниот сектор, додека последниот извештај за 2021 година покажува дека во јавниот сектор работат 132.088 лица. Имајте предвид дека неофицијалните бројки се поголеми бидејќи во јавниот сектор не влегуваат бројка на лица кои земаат плата од буџет (груба проценка е дека се работи за околу 200.000 лица). Од буџетот добиваат плата и вработенте во државнните управи, во државни и јавни претпријатија како и неколку десетици илјади лица ангажирани со договори на дело (ако добро се сеќавам околу 30 000 беа). Во последниве пет години беа отворени и над 50 нови институции, односно ако во 2016 година имало 1.291 инстутција само во јавниот сектор, бројката во 2021 година изнесувала 1.332.
На крај и јас би поставил прашање (кое верувам на секого личната логика ќе му го одговори): Зошто пет години се отворале институции и се вработувале лица, ако треба да се намали всушност нивната бројка и по кој критериум ќе се отпуштаат работниците, дали новите вработени ќе си одат први или пак оние кои долги години веќе работеле во институциите, од кои има добар дел кои за некоја година би отишле во пензија?
К.В.С.