ЈСП доби нафта, градскиот превоз почна да се нормализира

од Nikola Popovski
354 прегледи

ЈСП доби нафта, Владата одлучи да даде од државните резерви. Со тоа од утрово почна да се нормализира градскиот јавен превоз кој веќе беше во голем колапс последните два дена, иако подолг период сликата е далеку од идилична. Денеска не можеа да се забележат лошите слики од претходните денови со преполни автобуски станици и премрзнати граѓани кои долго чекаат автобуси.

За градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, ова е добра политика без инаетење. Упати пофални зборови за вчерашната одлука на Владата и рече дека успеале во разговор со премиерот Христијан Мицкоски да ја добијат потребната количина на гориво што ќе биде доволно за претпријатието додека не се склучи новиот договор за набавка на нафта за ЈСП.

Инаку, на вонредната седница на Советот на град Скопје оценија дека Владата направила одличен потег со тоа што активирала дел од државните стокови резерви за гориво за потребите на Градот Скопје. Вонредната седница на Советот на Град Скопје дојде откако вчера проблемот со јавниот превоз во Скопје стана алармантен откако автобусите престанаа да возат поради немање нафта. Низ скопските улици можеше да се забележат само оние автобуси што возат на метан.

Недостигот на нафта неколку недели го попречи нормалното функционирање на ЈСП и предизвика сериозен проблем на транспортот на учениците и на вработените во главниот град.

Јавното обвинителство на Скопје вели дека ги следи состојбите со набавките на гориво за потребите на автобусите на ЈСП и на Финансовата полиција ѝ дало насоки како да постапува. Бирото за јавни набавки кажа дека и тоа што претходно било набавено преку јавни набавки спроведени од ЈСП, не било во законска процедура.

Слични содржини