Оваа и следната година, во пензија заминуваат над 100 професионални возачи на ЈСП а слична е ситуацијата и кај приватните автобуски превозници. Од синдикатот на работниците од сообраќајот за Локално.мк велат дека најбарана професија во Европа во моментов се возачите а малкуте професионални возачи кои ги има во земјава го користат моментот и се иселуваат барајќи подобри услови за живот и работа.
”Главна причина за одливот на возачи со Ц и Д категорија е недостигот на возачи во земјите на ЕУ. Голема побарувачка со подобри услови, и најважното солидни плати. Меѓу последните во регионот сме со месечни примања и тоа секако е главната причина а потоа и иселувањето, поточно оние mакедонци кои добиле бугарски пасош, а се професионалци, сите се надвор во Европа и пошироко.Наскоро ова ќе биде државен проблем за кој треба длабока експертиза и мерки како тоа во побрз рок да се надмине”, вели Миќо Стојановски од Синдикатот на работниците од сообраќајот при ССМ.
Со речиси идентичен проблем се соочува и Асоцијацијата на транспортери Макам транс.”Германија , Белгија , а сега и Англија агитираат и нудат поволни услови со што ги преземаат возачите и од Балканот, па и по тој основ се намалува бројот на квалитетни професионални возачи. Во исто време во нашата држава веќе 20 години нема стручна штола за возач ( средни технички школи) и не постои некоја мерка или стимулација за привлекување на лица кои би можеле да се преквалификуваат”, вели Билјана Муратовска од Макамтранс.
Дневно низ скопските улици сообраќаат 500-600 автобуси а просечната возраст на возачите е околу 50 години. Младите се незаинтересирани за полагање за професонална дозвола, нововработените возачи се во поодминати години а проблемот не го решава ниту увозот на работници, вели Стојановски.”Ако се мора се мора, но од каде кога наши возачи веќе работат во соседните земји, така да не сум сигурен дека професионалци од соседството би обавувале јавен градски превоз кај нас”, вели Стојановски.
Освен недостигот на возачи, огромен административен проблем за транспортните компании е неможноста возачите да извадат сертификат за професионална компетентост без кој не можат да возат во странство.И покрај апелите, седум месеци не е избран Државен испитен центар.”Во моментот над 1000 возачи чекаат да полагаат стучен испит, а од друга страна одреден број на возила стојат нефункционални затоа што не можат да се обезбедат изводи од лиценци. Одредени превозници имаат проблем и да си ги продолжат постојните лиценци за вршење на дејност. И покрај сите укажувања за потребата од итност, сеуште, и по истекот на периодот од по седум месеци не е избран Државен центар за спроведување на испити за стекнување на возачите со СПК на возач ( сертификат за професионална компетентност).Токму преку овој центар превозниците можат да се стекнат со лиценца за меѓународен превоз и да добијат извод од лиценца за ново набавени возила. На овој начин возачите се стекнуваат со право да ги управуваат возилата во државата и надвор од нејзините граници”, вели Муратовска.
Како единствена можност за помош на оваа група граѓани, Макам – транс пред неколку дена објави соопштение за нивните членки со низа совети кои треба да ги насочат, како да “се снајдат’’ во актуелнава ситуација. “Снаоѓањето’’ се однесува на неколку ситуации: Тратспортната компанија привремено да пријави возачи со сертификати позајмени од нивни колеги или да позајмат возачи со валиден СПК кои треба да ги пријават на дополнителни еден или два час дневно (10 часа неделно).
К.В.С.