ЈСП не доби К-15, вработените најавуваат тужба

Вработените на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) 2025-та година ја завршија без исплатен К-15.

од Vladimir Zorba
170 прегледи Фото: Принтскрин

Вработените на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) 2025-та година ја завршија без исплатен К-15.

Законската обврска од страна на државата не беше исполнета до 31.декември, а вработените најавуваат тужба.

Минатата година, на вработените им беше исплатен помал износ на К-15 и тоа на два дела, што е против законски и има тековна тужба која се уште нема епилог.

Новиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски во својата кампања ветуваше решавање на состојбите во ЈСП, но сепак, вработените не ги добија своите средства.

Ѓорѓиевски, сепак, со новиот буџет на Градот најави 15 милиони евра за ЈСП „Скопје“ и рече дека ова е рекордна висина на субвенции кои ги добива претпријатието.

Минатата недела, според изворите на Локално, синдикатите во склоп на ЈСП на состанок разговарале со директорот на претпријатието и се договориле К-15 да биде зголемен на 18,000 денари, и договореното било одобрено од Управниот одбор.

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска во деновите пред Новата година тврдеше дека трезорот не е заклучен и дека е отворен. Според неа, ова прашање излегло од контрола и вели дека „не може да разбере како ова доаѓа од опозицијата“. Им порача „да си ги средат сопствените редови“.

-Несериозно е да се каже дека трезорот затвора. Тој ги прибира налозите до 15-ти. Што затвораме и ќе одиме на скијање? Трезорот работи. Друго е рокот кој што сме го дале на сите инситуции да ги достават налозите до трезорските канцеларии. Тоа значи дека секоја една институција треба да ги достави до 15-ти за да понатаму се организираме и да следи исплатата заклучно со 31-ви декември, рече министерката во изјава за медиумите.

В.З.