На првите натпревари од полуфиналето во Лигата на Европа победи забележаа домашните екипи Манчестер Јунајтед против Рома (6:2) и Виљареал против Арсенал (2:1).
Фантастичен натпревар на Олд Трафорд. Прво се видоа два пресврти, а потоа „Црвените ѓаволи“ заслужено дојдоа до убедлив триумф. Домаќинот поведоа преку Бруно Фернандеш, а до полувремето Рома направи пресврт со головите на Лоренцо Пелегрини од белата точка и Един Џеко. Сепак, во вториот дел играа само „ѓаволите“. Прво, асистентот за првиот гол, Единсон Кавани, постигна два гола за нов пресврт 3:2, а потоа се наредија Бруно од пенал, Погба и Гринвуд за повеќе од убедливи 6:2.
На Арсенал му се закануваше голема катастрофа по првото полувреме, бидејќи Виљареал водеше со 2-0 со головите на Тригерос и Албиол, а црвен картон доби и Себаjос. Сепак, најпрво резултатот го намали Пепе од пенал на 2:1, а потоа им олесни и црвениот картон на Капуа од другата страна, па така Арсенал се враќа со солиден резултат на Лондон.
Реваншот во Рим и Лондон е закажан за седум дена.