Манчестер Јунајтед ова лето речиси сигурно ќе привлече барем еден централен дефанзивец. Се очекува Хари Мегваер, Рафаел Варан и Виктор Линделоф да останат на „Олд Трафорд“, но Фил Џонс, Ерик Баи и Аксел Туанзебе ќе си заминат.
„Црвените ѓаволи“ примија дури 57 гола во текот на кампањата во Премиер лигата, а новиот менаџер Ерик тен Хаг напорно ќе притиска да ја засили одбраната за новата сезона.
„Спорт мол“ ги откри петте трансфер цели на Холанѓанецот за позицијата централен дефанзивец.
Пау Торес
Шпанскиот дефанзивец на Виљареал долго време е во нишанот на Манчестер Јунајтед и се очекува во текот на летото англискиот клуб да направи сериозна офанзива за да го привлече. Тој има откупна клаузула вредна 65 милиони евра, што е целосно во рамките на можностите на „црвените ѓаволи“. Тен Хаг многу ги сака неговите квалитети и верува дека може да стане лидер во одбраната доколку пристигне на „Олд Трафорд“.
Уриен Тимбер
Тен Хаг е добро запознаен со квалитетите на Тимбер од нивната заедничка работа во Ајакс. Бекот минатата сезона одигра 43 натпревари за гигантот од Амстердам и остави доста добар впечаток. Една од предностите на Тимбер е што освен што е централен дефанзивец, може успешно да игра и како десен бек. Дополнително, ќе излезе многу поевтино, со цена од околу 40 милиони евра, а тоа е важно за Јунајтед кој планира да направи прилично голем избор и секое заштедено евро е важно. Како недостаток може да се истакне дека Тимбер има само 20 години и неговото име се уште не е докажано, но се уште го развива својот потенцијал.
Лисандро Мартинез
Аргентинецот до неодамна играше и под водство на Тен Хаг во Ајакс и тренерот е целосно свесен за неговите квалитети. 24-годишниот дефанзивец игра со левата нога, а се вели дека тренерот бара играч со токму такви карактеристики. Сепак, тој има договор за уште три години и е многу поафирмирано име, па Ајакс ќе сака многу повеќе пари за неговите права. Интерес за него има и од Барселона, што исто така може да ги уништи плановите на „црвените ѓаволи“.
Алесандро Бастони
Бастони минатата сезона беше клучен дел од тимот на Интер и одигра 44 натпревари. Тој има договор со „нероазурите“ за уште две сезони, па можно е да биде продаден со добра понуда. 23-годишниот фудбалер е производ на школата на Аталанта, но во 2018 година се пресели на „Меаца“ и постепено се наметнува во стартниот состав, настапувајќи на многу високо ниво три сезони. Со Интер го освои Скудетото и Купот на Италија, па веќе размислува да бара нов предизвик, а шансата да си ја проба среќата во Премиер лигата е доста примамлива. Освен Манчестер Јунајтед, за него е заинтересиран и Тотенхем.
Калиду Кулибали
Кулибали долго време е во нишанот на Манчестер Јунајтед. Високата цена од над 100 милиони евра досега ги спречи „црвените ѓаволи“ да го земат во своите редови. Сепак, Сенегалецот веќе има 30 години и во моментов неговата цена се движи од 35-40 милиони евра, па сега шансата за негов трансфер на „Олд Трафорд“ се зголемува. Тој одигра уште една силна сезона за Наполи, забележа 34 натпревари во сите натпреварувања и беше во најдобриот тим за сезоната во Серија „А“. На него не се гледа како на фудбалер за иднината, туку како на играч кој веднаш ќе се наметне во тимот и ќе биде столб на одбраната во следните две-три сезони.