Манчестер Јунајтед на својот иден тренер Ерик тен Хаг ќе му даде околу 200 милиони фунти за летната селекција, тврди „Мирор“.
До крајот на неделата се очекува Холанѓанецот да биде објавен за тренер на „црвените ѓаволи“. Според многумина, клубот се обидува да го насочи вниманието на навивачите кон иднината и следната сезона, а не кон сегашните резултати на тимот.
Во текот на летото се очекуваат големи промени во тимот. Пол Погба, Немања Матиќ, Џеси Лингард, Едисон Кавани, Хуан Мата и Ли Грант имаат истечен договор и заминуваат. Најмалку уште шест играчи можат да заминат.
Иднината на Арон Уан-Бисака, Ерик Баји, Фил Џонс, Алекс Телеш, Ентони Марсијал и Маркус Рашфорд е под знак прашалник.
Не е јасно дали шанса ќе добие и Дони Ван де Бик, кој е на заем во Евертон, но Тен Хаг добро го познава бидејќи работеше со него во Ајакс.