Кога имаш пари, но постојано немаш резултати и луташ во стратегија, тогаш го губиш имиџот и како антимагнет одбиваш квалитетни играчи. Ова е ситуацијата во која денес се наоѓа англискиот гигант Манчестер Јунајтед.
Сакаат да купат некој напаѓач, им го тестираа пулсот на Виктор Ѓекереш, Душан Влаховиќ, Виктор Осимен, но никого не привлекоа. Напротив, никој од горенаведените нема да се приклучи на тим кој не игра во Европа и не е конкурентен во Премиер лигата.
Нема, но има и такви што ќе го направат – Матеус Куња. Бразилскиот напаѓач на Вулверхемптон, а порано и на Атлетико Мадрид, Херта, Лајпциг и Сион по секоја цена сака да „слета“ на „Олд Трафорд“.
Според пишувањата на медиумите, неговиот агент заминал за Англија и се среќава со претставници на Јунајтед. Куња неодамна го продолжи договорот со Волците до јуни 2029 година, а како што работи неговиот клуб Јунајтед ќе мора да го отвори паричникот и да плати повеќе од 60 милиони евра.
Бразилецот ја најде мрежата 15 пати на 29 натпревари оваа сезона, но тешко дека е многу подобра опција од Расмус Хојлунд, кој веќе го носи дресот на Јунајтед.