Манчестер Јунајтед и официјално го започна процесот за избор на постојан менаџер, а конечната листа на кандидати за оваа функција веќе е јасна, тврдат од „Атлетик“. Тоа значи дека привремениот менаџер Ралф Рангник нема да продолжи да го води тимот, како што имаше информации, туку ќе биде промовиран во улога на консултант, како што првично беше планирано.
Двајцата најбарани експерти на „црвените ѓаволи“ се Маурисио Почетино и Ерик тен Хаг, но има и други имиња кои не се објавени. Идејата на шефовите на „Олд Трафорд“ е да започнат првични разговори со номинираните кандидати, постепено да се дојде до конкретен избор на еден од нив.
Почетино е чекор пред другите, бидејќи има искуство во Премиер лигата каде пред извесно време постигна доста добри резултати на кормилото на Тотенхем. Аргентинецот моментално е на чело на Пари Сен Жермен, но се шпекулира дека ќе се раздели со клубот на лето, а негова желба е да го преземе Манчестер Јунајтед. Проблемот со него е што не може да се пофали со некој голем успех во досегашната тренерска кариера.
Тен Хаг, од друга страна, има многу подобра визит-карта во овој поглед. 52-годишниот Холанѓанец веќе петта сезона го предводи Ајакс со две титули во Холандија и два Купа на Холандија. Сепак, неговиот сегашен клуб тешко дека ќе го пушти лесно да си замине, а Јунајтед сигурно ќе мора да плати одредена отштета.