Манчестер Јунајтед се откажува од идејата да го ангажира напаѓачот на Болоња, Марко Арнаутовиќ, објави британското издание на „Атлетик“. 33-годишниот австриски репрезентативец сакаше да се пресели на „Олд Трафорд“, но откако од Болоња беше одбиена првата понуда од 9 милиони фунти, „црвените ѓаволи“ немаат намера да испратат втора. За Болоња Арнаутовиќ не се продава и тој е важен дел од плановите на тимот, кој минатата сезона заврши на 13-то место во Серија „А“.
Покрај неподготвеноста на „црвените ѓаволи“ да платат повеќе од предложените 9 милиони, клубот доби и многу негативни пораки за Арнаутовиќ, главно поради расистичкиот скандал во кој напаѓачот се вмеша на натпреварот помеѓу Австрија и Северна Македонија на Евро 2020. УЕФА тогаш го казни Арнаутовиќ за навреда на Езџан Алиоски.
Манчестер Јунајтед потпиша со тројца играчи од почетокот на летниот преоден рок – дефанзивците Тајрел Маласија од Феенорд и Лисандро Мартинез од Ајакс и играчот од средниот ред Кристијан Ериксен на слободен трансфер од Брентфорд. Според медиумите во Италија и Англија, „црвените ѓаволи“ се во завршна фаза од преговорите со играчот од средниот ред на Јувентус, Адриен Рабио.