Манчестер Јунајтед ќе упати последна понуда до Френки де Јонг со која ќе се обиде да го убеди Холанѓанецот да ја напушти Барселона и да се пресели на Олд Трафорд. Според „Спорт“, раководството на „црвените ѓаволи“ се согласило да ја покрие сумата што Каталонците му ја должат на играчот во вид на плата, чија исплата се распределувала со текот на времето. Таа изнесува 20 милиони евра (17 милиони фунти).
Пред неколку недели, кога двата клуба практично ги договорија условите на трансферот, Манчестер Јунајтед категорично одби да ги преземе овие обврски на Барселона кон Де Јонг. Сега, сепак, англискиот клуб изрази подготвеност да ја преземе оваа сума, за да биде отстранета како можна пречка за зделката. Тоа ќе биде и последен обид на Јунајтед да го комплетира трансферот.
Инаку, 20-кратниот шампион на Англија се договори со Барселона да плати цврсти 75 милиони евра за Де Јонг, плус уште 10 милиони бонуси.