Тренерот на италијанскиот хегемон Јувентус – Макс Алегри, ќе даде одмор на Џорџо Киелини и Алекс Сандро за саботното дерби со Милан од 30-тото коло на Серија А.
Дефанзивците се со повреди и тактичарот од Ливорно преферира да ги задржи за првата четвртфинална средба од Лигата на Шампионите со Реал Мадрид на 3 април. Не е исклучено и Гонзало Игуаин да седне на клупата против „росонерите“ поради патувањата со репрезентацијата на Аргентина.
Во таков случај, Марио Манџукиќ ќе дејствува на врвот на нападот, тој беше ослободен порано од репрезентативниот тим на Хрватска и ќе биде одморен. Меди Бенатиа и Миралем Пјаниќ сигурно ќе стартуваат во дербито, бидејќи се со казни за Реал и сигурно отпаѓаат од сметките.
Во следните неколку дена пак треба да стане јасно дали Федерико Бернардески ќе има потреба од операција која може да го извади од игра до крајот на сезоната.
Хуан Куадрадо започна со лесни тренинзи, но нема да биде на располагање на Алегри за Милан и Реал.