Новото засилување на Јувентус, Пол Погба може да го пропушти почетокот на сезоната доколку се потврдат стравувањата дека му е потребна операција.
Францускиот играч за врска го напушти тренингот на тимот во неделата, а последователните прегледи покажаа дека има оштетување на менискусот.
Јувентус ја потврди дијагнозата и прецизираше дека Погба ќе биде подложен на дополнителни тестови за да се утврди дали е неопходна операција.
„Тутоспорт“ тврди дека играчот од средниот ред ќе биде опериран и нема да може да игра 2 до 3 месеци. Сепак, без операција, Погба ќе биде на опоравување околу три недели и би можел да биде подготвен за гостувањето на Сасуоло во воведното коло од сезоната во Серија „А“.
Погба сигурно нема да патува со тимот во Далас, каде Јуве утре ќе игра контролна против Барселона. Францускиот репрезентативец имаше повреди и за време на неговиот престој во Манчестер Јунајтед. Во последните три години имаше вкупно 8 повреди поради кои пропушти 72 натпревари.