Јувентус, еден од последните три клуба што го брани проектот Суперлига, нема да може да учествува во следното италијанско првенство доколку остане вклучен во овој проект за елитно натпреварување, потврди во понеделникот претседателот на Италијанската фудбалска федерација, Габриеле Гравина.
– Ако Јувентус не игра според правилата, ќе биде настрана од нас. При аплицирање за следниот шампионат во Серија А, тие би биле исклучени доколку не се повлечат од Суперлигата – изјави Габриеле Гравина, цитиран од италијански медиуми, пренесува Хина.
Кон крајот на април, како одговор на обидот да се создаде Суперлига од дванаесет европски клуба, вклучувајќи и три италијански, Италијанската фудбалска федерација усвои ново правило со кое се дозволува исклучување од шампионатот за екипите кои учествуваат во приватно натпреварување.
После тоа, Интер и Милан – како и седум други клуба – се дистанцираа од проектот и постигнаа договор со УЕФА што предвидува казни.
Од друга страна, Јувентус, како и Реал Мадрид и Барселона, викендов повторно ги бранеа придобивките од проектот, осудувајќи ги „заканите“ на УЕФА и изразувајќи подготвеност дури и за правна битка.
Зборувајќи за радио станицата Раи Уно во понеделникот наутро, претседателот на Италијанскиот фудбалски сојуз исто така рече дека е подготвен да дејствува како „посредник“ во овој конфликт затоа што овој „судир меѓу клубовите и УЕФА не е добар за италијанскиот фудбал и Јувентус“.
– Сакам позитивно решение од оваа борба – потенцира Гравина.