Јувентус реагира – Повредениот Погба добива замена!

од Vladimir Zorba
194 прегледи

Пол Погба на големо се врати во Јувентус, но тешко се повреди уште пред неговото камбек деби во дресот на „старата дама“. Французинот го повреди коленото. Можеби ќе треба да оди на операција, а сигурно ќе има долга пауза поради која може да го пропушти Светското првенство во Катар.

Немаат многу време во Јувентус, за две недели почнува сезоната во Серија „А“, а „дупката“ создадена по повредата на Погба мора да се пополни.

Срамежливо се споменуваше доаѓањето на Сергеј Милинковиќ Савиќ, но Србинот во моментов е прескап за „црно-белите“, Лацио бара 70.000.000 евра кои „бјанконерите“ во моментов ги немаат.

Поевтина и реална опција на која Јуве се надева е играчот од средниот ред на Наполи, Фабијан Руиз. Италијанските медиуми пишуваат дека клубот од Торино ја подготвува првата официјална понуда за 26-годишниот Шпанец, чиј договор со „небесносините“ истекува следното лето.

Оваа информација би можела да има клучна улога во намерата на Јувентус да купи стандарден првотимец од својот голем ривал. Руиз е во Наполи од 2018 година кога дојде од Бетис, одигра преку 150 натпревари за „партенопејците“ и го освои Купот на Италија.

Дојде време за исчекор во кариерата, а тоа би значело преселба во Јувентус. Наполи може да избере дали да го продаде Руиз ова лето или да го остави за следната сезона и да не заработи ништо од него.

Прашање е колку Јувентус би понудил за Шпанецот, неговата цена е околу 50.000.000 евра, сигурно е многу поевтин од Сергеј, а дали е доволно за „бјанконерите“ ќе дознаеме наскоро.

Слични содржини