Со ребаланс на Буџетот јавната администрација годинава ќе го добие регресот за годишен одмор или таканаречениот К-15 и за таа намена се алоцирани дополнителни 230 милиони денари.
„Имаа разбирање за одлагање на ова мерка во 2020 бидејќи кога требаше да почне исплатата почна третиот бран на коронавирусот и беше несоодветно регресот да се исплати во време кога приватниот сектор оди со рационализација. Оваа година одлучивме да се исплати и треба да се исплати, сме го ветиле и не само што сме го ветиле потпишан е договор. Затоа се алоцирани дополнителни 230 милиони денари за оваа намена“, рече премиерот Зоран Заев.
Над 9.000 денари ќе изнесува К-15 годинава за вработените во јавната администрација.
Од граѓанскиот синдикат УПОЗ информираат дека тоа е минималната сума која им следува на вработените со граѓанскиот колективен договор, а оние кои имаат и колективен договор на ниво на работодавец, според предвиденото во него, ќе добијат и повеќе.
Доколку не добијат К-15, можат да ја тужат државата
„Согласно колективниот договор, Владата врз основа на тоа мора да исплати регрес за административците“, вели заменик-министерот за финансии, Димитар Ковачевски за емисијата „Клик плус“.
Според него, бројката на административци кои ќе добијат К-15 изнесува околу 27.000 лица.
„Доколку не ги добијат, тие имаат право на тужба пред надлежен суд и државата може да сноси само последици и да изгуби и да плати трошоци“, додава Ковачевски.
Потребата од К-15 е стекнато право
„Еднаш засекогаш треба да сфатиме дека треба да се однесуваме праведно и правично. Потребата од К-15 е право и ние мораме да запреме со „тој има право, но јас не сакам поради мои аргументи“, вели вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи за емисијата „Вин-вин“, на темата за доделувањето К-15 за одреден дел од администрацијата.
Според него, стекнато право е стекнато.
„Во секторот здравство ќе добијат се што им следува. Ќе бидат наградени и беа наградени. Имаме фантастичен економско-социјален совет, во кој што дискутираме за работничките права. Ние сме единствената влада во 30 години независност, која што во тој совет им дава можност на репрезентативните организации да учествуваат, но и на сите други“, истакна Битиќи.
Во владиниот предлог не се предвидени сите административци.Со ребалансот на буџетот Вадата обезбеди 4 милион евра за исплата на регрес на вработените во општинските, владните служби, правосудството.