Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху потврди дека безбедносниот кабинет на таа земја едногласно го одобрил прекинот на огнот во појасот Газа.
Како што се наведува во соопштението, министрите се согласиле да ја прифатат иницијативата на Египет за заеднички прекин на огнот, без никакви услови, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Дополнително ќе биде утврдено кога ќе стапи на сила примирјето.
Многу медиуми јавуваат дека примирјето ќе стапи на сила во два часот по полноќ по локално време, односно три часа по донесувањето на одлуката на безбедносниот кабинет, што за Ројтерс го потврдил официјален службеник на палестинскиот Хамас.
Одлуката на израелскиот безбедносен кабинет, со која завршува единаесетдневната воена операција во појасот Газа, беше донесена откако САД извршија силен притисок да ја запрат офанзивата, посочува АП.