Кабинетот на Пендаровски за „Локално“: Лабораторијата на власта свесно го злоупотребува моето име во нивната пропаганда против СДСМ

Пендаровски очекува дека власта ќе продолжи да го злоупотребува неговото име во пропагандата против најголемата опозициска партија

од Nikola Popovski
33 прегледи Фото: Фејсбук/Стево Пендаровски

Дел од медиумите викендов го спомнаа името на екс-претседателот Стево Пендаровски дека планира активно да се вклучи на политичката сцена. Се шпекулира дека Пендаровски остварувал средби и консултации со соработници и личности од јавната сцена, со цел создавање нова политичка платформа која ќе има за цел учество во претстојните изборни процеси. Тајмингот на ваквите наративи доаѓа во период  кога неодамна екс-шефот на државата ја анализираше актуелната политичка состојба, посочувајќи дека постои јасен дисбаланс меѓу падот на поддршката на власта и неспособноста на опозицијата да го искористи тоа. Пендаровски пред речиси еден месец упати силно предупредување до раководството на СДСМ, нагласувајќи дека партијата се наоѓа на критична раскрсница и, без длабоки промени, може да се соочи со натамошен пад и политичка маргинализација.

Од Кабинетот на екс-претседателот денеска ја демантираа ваквата вест. Оттаму за „Локално“ порачаа дека се работи за шпекулација.

„Се работи за шпекулација излезена од лабораторијата на власта во која моето име е сосема свесно злоупотребено во контекст на нивната пропаганда против најголемата опозициона партија. Познавајќи ги добро, сигурен сум дека ова нема да им биде последен таков обид“, посочија од Кабинетот на екс-шефот на државата.

Пред пет месеци, Пендаровски возврати на обвинувањата на професорот Љубомир Фрчкоски дека „мешетарел во СДСМ“ и дека работи на тоа да се смени Венко Филипче. Пендаровски тогаш го обвини Фрчкоски за „кафеанско озборување“. Фрчковски тогаш ги кажа овие работи во емисијата „Во Центар“ на Васко Ефтов, под наслов „Кои лоби групи сакаат да го сменат Венко Филипче?“. Иако нагласи дека нема да зборува за имиња, Фрчкоски сепак директно го спомна Пендаровски.

Во кулоарите тогаш се шпекулираше дека Пендаровски води некаква иницијатива за реформи во СДСМ и во опозицискиот блок, но до овој момент за тоа никој не проговорил јавно.