Кабинетот на Радев: Манипулацијата со фактите и хистеричните реакции на македонската Влада не влеваат оптимизам

од Nikola Popovski
567 прегледи

По повод, како што велат, уште една навредлива квалификација кон Бугарија од страна на претставник на македонската Влада, од прес-службата на бугарскиот претседател Румен Радев соопштиле дека „отворениот и конструктивен дијалог, дури и на неформална средба, каква што се одржа меѓу претседателите на Бугарија и Република Северна Македонија на 13 септември очигледно многу вознемири одредени кругови во владата на Северна Македонија“.

Од бугарското претседателство додаваат дека „манипулацијата со фактите и хистеричните реакции на владата на РСМ не влеваат оптимизам дека нашиот југозападен сосед сака односите со Бугарија да го напуштат полето на провокации и оркестрирани скандали“.

Како што пренесува „БНР“, од прес-службата на Радев се наведува и дека „цивилизираноста на новата влада на РСМ допрва ќе се оценува според тоа дали ќе продолжи да биде дел од кампањите за поттикнување омраза кон Бугарија или ќе се спротивстави на нив со нејзината способност да почитува меѓународните договори и од нејзината вистинска посветеност на имплементацијата на Копенхашките критериуми за членство во ЕУ“.

-Припадноста кон Обединета Европа бара вистинска волја, систематски напори и конкретни резултати, се истакнува во ставот од Кабинетот на Радев.

Ваквиот став следува откако вицепремиерот Александар Николоски го обвини бугарскиот претседател за непочит кон македонските симболи откако на средбата со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова не беше поставено македонското знаме. Николоски ја нарече оваа постапка некултурна и непристојна.

-Ама затоа што домаќинот очигледно ниту е цивилизиран, ниту е пристоен, ниту има каква било почит, затоа е работава ваква каква што е. Е сега помизерни од нив се само нашиве домашниве слуги, кои прифатија дека имаме заедничка историја и дека македонскиот јазик е бугарски дијалект, сега зборуваат за патриотизам, рече меѓу другото Николоски пред два дена во емисијата „За или против“.

Слични содржини