Кабинетот на Рама: Фотографијата од Лешница е грешка, постои село во јужна Албанија со истото име

од Nikola Popovski
244 прегледи

По рекациите на социјалните мрежи, откако албанскиот премиер Еди Рама објави фотографија од планински водопад со хаштаг „прекрасна Албанија“ и „Кањон Лешница“, од неговиот Кабинет за МИА информираа дека во јужниот дел на Албанија исто така постои село со истото име и оти фотографијата по грешка била објавена дека е од Албанија.

Имено, од Кабинетот се заблагодарија на сите следбеници коишто им посочиле дека тоа прекрасно место е во Северна Македонија.

– Исто така постои село во јужна Албанија со истото име и сликата по грешка беше означена дека е од Албанија. Им се заблагодаруваме на сите следбеници коишто ни посочија дека ова прекрасно место е во Северна Македонија, наведоа од Кабинетот на Рама за МИА.

Од Владата пак велат дека оствариле комуникација со кабинетот на Рама, од каде побарале да биде објавено објаснување и корекција на фотографијата.

,,Од страна на Кабинетот на премиерот Заев е остварена комуникација со Кабинетот на премиерот Рама, при што од наша страна е посочено дека објавената фотографија е од Лешница, Македонија. Веруваме дека станува збор за ненамерна грешка и затоа беше побарано од страна на Кабинетот на Рама да биде објавено објаснување и корекција“.

Објавата на Рама, покрај бројните негативни коментари предизвика и доза на потсмев кај дел од корисниците на социјалните мрежи. Некои од нив побараа од албанскиот премиер да научи географија, или пак да вработи советник за географски прашања, други пак објавија фотографии од странски знаменитости за кои велат дека се наоѓаат во Албанија или пак на познати албански туристички места им дадоа македонски имиња. Водопадот на Лешница и кањонот на Кривошијска река е една од омилените тури на домашните туристи и планинари, а важи за еден од најубавите предели на Шара.

Слични содржини