Од Кабинетот на српскиот претседател Александар Вучиќ потврдија дека сто новинари од Северна Македонија, на молба на Здружението на новинари на Србија (УНС) ќе бидат вакцинирани против коронавирус, јави дописникот на МИА од Белград.
И претседателот на УНС Владимир Радимировиќ, за МИА изјави дека „УНС на барање на Македонската асоцијација на новинари (МАН) побарала и било одобрено преку кабинетот на српскиот претседател, во Врање во вторник да се вакцинираат 100 медиумски работници, како и истите да бидат ревакцинирани”.
Синоќа агенцијата Бета и српските медиуми, повикувајќи се на македонските медиуми, соопштија дека во вторник во Врање, 100 македонски медиумски работници ќе бидат бесплатно вакцинирани со вакцината на АстраЗенека.
Во Србија можат да се вакцинираат само лица кои имаат српско државјанство или регулиран престој во оваа држава, како и оние со двојно, македонско и српско државјанство.