Каде е Извештајот од Регистерот за вработени во јавниот сектор за 2024 година?

од Nikola Popovski
97 прегледи

Вообичаено, секоја година, на истекот од првиот квaртал Министерството за информатичко општество под чија „ингеренција“ беше јавниот сектор се до формирање на новиот ресор за администрација, го објавуваше Извештајот од Регистерот на вработени во јавниот сектор. Со формирање на Министерство за администрација овој ресор ги превзема ингернциите поврзани со вработувања, анализи и реформа во јавниот сектор.

„Локално“ се обиде преку официјалната страна на Министерството за администрација да направи увид во Извештајот од Регистерот на вработените во јавниот сектор за 2024 та година кој според досегашната пракса, веќе требаше да биде објавен уште во март годинава. Овој важен документ кој ја дава „крвната слика“ за вработените во јавниот секор не може да се најде ниту во делот „Извештаи“, ниту меѓу документите како што се „Стратегии“, „Регистри“, „Годишни планови“. Извештајот не може да се лоцира ниту на официјалната веб-страна на Министерството за информатичко општество.

„Во Законот за вработените во јавниот сектор утврдена е надлежност на Министерството за информатичко општество и администрација, да воспостави и да води единствен регистар на сите вработени во институциите на јавниот сектор. Регистарот на вработените во јавниот сектор е дел од информациониот систем за управување со човечки ресурси (ИСУЧР)“ – пишува во воведот на Извештајот од Регистерот за вработени во јавниот сектор што беше објавен лани, во март, и се однесува на состојбата за 2023 та година.

Овој документ е од јавен карактер и содржи податоци за вработените во јавниот сектор по различни основи – според институции, според возраст, етничка припадност, образование. Податоците од последниот Извештај од регистерот на вработени во јавниот сектор 2024 покажуваат дека во 2023 та во јавниот сектор на РСМ биле активни 1 371 институции со 128 879 вработени. Од нив 18 710 лица биле вработени во безбедносните структури и институции : Армијата, Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за национална безбедност, Министерството за внатрешни работи, Бирото за јавна безбедност и Управата за финансиско разузнавање. Според последните достапни информации просечната возраст на вработените во јавниот сектор изнесува 46,22 години.

Само во министерствата во 2023 та биле регистрирани 4 743 вработени, а трите ресори со најголем број на вработени биле Министерството за земјоделство со 989 , Министерството за финансии со 617 и Министерството за одбрана со 590 вработени, при што од листата ресори е исклучено МВР.

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев со застанување на чело на овој ресор најави реформи, законски измени со кои ќе се зајакне професоналноста а ќе се елиминира партизација на државната управа. Во повеќе најврати најавуваше и оптимизација на јавната администрација. Со последните законски измени власта тврди дека го отвори патот за вработувања во јавниот сектор врз основа на квалитет и знаење но при тоа да гарантира уставната категорија на правична застапеност.

Д.А.