Најдобрите земји за инвестирање во недвижнини во Европа во 2025 година се наоѓаат во Централна и Источна Европа, а Молдавија е на првото место, покажува новиот извештај на британската осигурителна компанија „William Russell“.
Оваа земја постигна највисок вкупен резултат во анализата што ги зеде предвид факторите како што се данокот на имот, данокот на приход од кирија и бруто приносот од кирија.
Во претходно истражување спроведено од „1st Move International“, Литванија беше најдобриот избор за инвеститорите, а во новиот извештај се рангира на второ место, веднаш зад Молдавија, додека Македонија е на третото место.
Молдавија се издвојува благодарение на својот главен град, Кишињев, кој доживува силен развој во инфраструктурата, угостителството и деловниот сектор. Покрај тоа, туризмот е во пораст, особено благодарение на винската индустрија и богатото културно наследство, што отвора можности за краткорочни изнајмувања, објавува „Еуроњуз“.
Литванија, како членка на ЕУ, е привлечна за странските инвеститори бидејќи нема ограничувања за странците да купуваат недвижен имот. Според Евростат, цените на недвижностите се зголемиле за речиси 10 проценти во последниот квартал од 2024 година во споредба со истиот период претходната година, а се очекува трендот на раст да продолжи. Кириите значително се зголемија, за повеќе од 170 проценти во споредба со 2015 година.
Според извештајот, Литванија нуди бруто годишен принос од околу 6,39 проценти, со максимални трошоци за купување од 4,10 проценти. Умерената стапка на раст на цените ја прави стабилна и профитабилна инвестициска дестинација.
На третото место е Македонија, која е кандидат за членство во ЕУ. Земјата има ниски даноци, едноставен процес за купување недвижен имот, како и владини стимулации за странските инвеститори. Бруто приносот е околу 6,47 проценти годишно, што укажува на висок поврат на вредноста на активата.
Според истражувањето, Србија, Ирска и Латвија исто така нудат многу добри стапки на поврат, со бруто годишни износи повисоки од седум проценти.
Земјите со високи бруто приноси и релативно ниски даноци на приходи од кирија се Андора, Црна Гора и Бугарија. Италија, иако има малку повисока даночна стапка (21 процент), остварува трет највисок принос од изнајмување имоти благодарение на високите бруто приноси од 7,56 проценти, што може да биде привлечно за инвеститори со специфични цели.
Шпанија долго време е една од најатрактивните дестинации за инвестирање во недвижнини во Европа. Благодарение на силниот туризам, стабилниот пазар на недвижности и законите поволни за инвеститорите, земјата продолжува да привлекува купувачи заинтересирани за викендички, станови за изнајмување и долгорочни инвестиции. Аликанте се издвојува особено поради неговите попристапни цени во споредба со другите крајбрежни градови, високата стапка на зафатеност на имотите за изнајмување, развиената локална економија и инфраструктура, како и медитеранскиот начин на живот и клима.
Цените на недвижностите во Велика Британија паднаа, но се очекува пазарот да се опорави во текот на летото. Според најновиот индекс објавен од Nationwide банката, просечната вредност на недвижностите во април 2025 година се намалила за 0,6 проценти на месечна основа, додека годишниот раст се забавил на 3,4 проценти, во споредба со 3,9 проценти во март. Просечната цена на имотот сега е 270.752 фунти. Иако цените во моментов се во мал пад, се предвидува дека пазарот на недвижности ќе заживее во текот на летото, кога се очекува стабилизација по прилагодувањето на новите даночни услови, објави „Гардијан“.
А што е со Азија?
Цените на новите куќи во Кина се стабилизираа во март, по малите месечни падови во претходните месеци, што укажува на првите знаци на закрепнување во секторот за недвижности, иако побарувачката останува слаба поради големите долгови што го оптоваруваат пазарот. Во февруари, цените на новите куќи се намалија за 0,1 процент во споредба со јануари, додека во март останаа непроменети, според пресметките на Ројтерс врз основа на податоци од Националното биро за статистика на Кина (NBS).
На годишно ниво, падот на цените е 4,5 проценти, што е мало подобрување во споредба со падот од 4,8 проценти во февруари. Иако секторот за недвижности повеќе не сочинува една четвртина од кинеската економија како што беше во 2021 година, секој знак за стабилизација на цените им носи олеснување на домашните власти, кои се соочуваат со дополнителни притисоци од зголемувањето на американските царини.
Анкетата покажа дека инвестициите во комерцијални недвижности во Азиско-пацифичкиот регион се зголемиле. Според податоците од JLL (Jones Lang LaSalle), глобална компанија за комерцијални недвижности, инвестициите во Азиско-пацифичкиот регион се зголемиле за 20 проценти на годишно ниво, на 36,3 милијарди долари во првиот квартал од оваа година. Регионот го задржа шестиот последователен квартал на раст и покрај заканите со царини, а инвестициите се зголемија во сите сектори освен во логистиката.
Корејскиот пазар порасна за 58 проценти на годишно ниво, на трансакции од 6,8 милијарди долари, што го рангира на второ место во Азиско-пацифичкиот регион по Јапонија (13,7 милијарди долари).
Помалку куќи се продадени во Америка
Продажбата на постоечки домови во САД падна повеќе од очекуваното во март, притисната од повисоките трошоци за позајмување, а веројатна е понатамошна слабост бидејќи растечките загрижености за економско забавување поради царините ја намалуваат побарувачката. Продажбата на домови се намали за 5,9 проценти во март на сезонски прилагодена годишна стапка од 4,02 милиони единици, соопшти Националното здружение на агенти за недвижности оваа недела. Економистите предвидоа пад на препродажбата на домови на 4,13 милиони единици. Продажбата во март падна за 2,4 проценти на годишно ниво.