Каде е сега борецот за женски права Сиљановска, прашуваат од СДСМ за дуелот Кочоска-Петровска

од Nikola Popovski
24 прегледи

Наместо јасно и недвосмислено да ја осуди навредата на министерката Кочоска кон пратеничката Петровска, претседателката Сиљановска се задоволи со блага и беспомошна констатација дека „не е лошо човек понекогаш и да се извини“ – вака критикуваат од СДСМ по вчерашната изјава на шефицата на државата.

Според СДСМ, изјавата не е ниту осуда, ниту порака за заштита на жените од дискриминација туку релативизирање на проблемот и обид да се заташка скандалот.

-Од Сиљановска очекувавме да покаже истата жестина во одбрана на женските права каква што покажуваше пред изборите, но очигледно дека тогашната борба била само празна реторика за политички поени. СДСМ прашува – каде е сега борецот за женски права Гордана Сиљановска? Ако дури и претседателката не смета дека една ваква навреда заслужува јасна и силна осуда, тогаш таа го губи секој кредибилитет да зборува за родова еднаквост и заштита на жените, стои во партиското соопштение.

Сиљановска Давкова вчера изјави дека „не е лошо човек да се извини“, по навредите на Димитриевска Кочоска кон Петровска. Рече дека директно не ја слушнала полемиката за потрошувачката кошничка во македонското Собрание туку ја гледала подоцна. Сепак ставот на македонската претседателка е дека пратениците и пратеничките во Собранието мора да ги одмеруваат зборовите со кои меѓусебно се обраќаат и дека не е лошо да има извинување.

Министерката за финансии изјави дека темата за инцидентот со пратеничката на СДСМ, за неа е завршена и дека се фокусира на својата работа. Посочи дека веќе изразила жалење за целиот контекст. Според неа, народот има поважни теми. Таа потенцираше дека немала никогаш намера да навреди никого, напротив, како што рече „таа самата го знае тоа, но, вака ѝ чини сега да изигрува жртва“.

Слични содржини