Кира Јармиш, портпаролката на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални, кој почина во петокот во затвор, изјави дека неговата мајка и адвокатите утринава не смееле да влезат во мртовечницата и дека вработените во мртовечницата не одговориле на прашањето дали телото на Навални е таму.
„Мајката на Алексеј и неговите адвокати пристигнаа во мртовечницата рано наутро. Не им беше дозволено да влезат. Еден од адвокатите беше буквално исфрлен“, напиша Јармиш на социјалната мрежа Х.
Јармиш не прецизираше за која мртовечница се работи, но „Нова газета“ вчера објави дека телото на Навални е во Окружната клиничка болница во Салехард.
Да потсетиме, „Медиазона“ наведе дека пронашла снимка на која се гледа моментот кога телото на Навални било пренесено во мртовечница, но оваа информација не е официјално потврдена.
Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални почина во петокот на 16 февруари, соопшти Федералната поправна служба на Русија за областа Јамало-Ненец, додавајќи дека Навални се чувствувал лошо по утринската прошетка и изгубил свест, по што неуспешно бил реанимиран.
Навални отслужуваше 30-годишна затворска казна за основање и финансирање на екстремистичка организација и нејзините активности, а беше познат како остар критичар на Кремљ.