„Каде исчезна ветеното од 1 Мај“: ССМ го продолжува протестот пред МТСП

од Берта Китинска
231 прегледи

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денес ќе го продолжи протестот за линеарно зголемување на платите за 2.806 денари пред Министерството за труд и социјална политика од 10 до 13 часот, согласно одлуката на Штрајкувачкиот одбор – Претседателството на ССМ.

Во очекување повторно да биде поднесен амандман за исполнување на нивното барање во собраниската Комисија за финансирање и буџет, незадоволството ќе го изразат пред МТСП.

– Ние ќе го бараме излезот во Собранието преку амандман. Идејата ни беше да поставиме столчиња колку што има членови во Комисијата за финансирање и буџет, но ја одложија, не се знае дали ќе биде во четврток или петок. Затоа ние активностите ги пренасочуваме пред МТСП и да ја прашаме министерката Јованка Тренчевска каде исчезна социјалниот дијалог, ветувањето што ни го даде на 1 Мај и зошто не е прифатен амандманот во расправата за ребалансот на Буџетот, рече претседателот на ССМ Дарко Димовски вечерва во гостување во „Топ тема” на ТВ Телма

ССМ вчера го блокираше главниот влез во Автокоманда. Синдикалците поставија шатори и пуштија музика блокирајќи го главниот влез во Скопје.

Тие инсистираат и не се откажуваат од нивните барања за линеарно покачување на платите за 2806 денари.

Како што најавија, за време на блокадата пуштаа да поминат само пожарникарски, полициски, воени и возила на брзата помош.
Синдикалците бараат покачувањето да почне веднаш од месец јули а утре протестот ќе го продолжат пред МТСП. Минатата недела ССМ протестираше пред Собрание, Влада и Министерството за финансии. Во меѓувреме и натаму на сила е одлуката за генерален штрајк, вработените во јавниот сектор ќе бидат на своите работни места но нема да ги извршуваат своите работни обврски, 10% од нив ќе бидат на располагање за потребите на граѓаните.

Слични содржини