По вчерашниот протест против ковид-мерките и вакцините пред Собрание каде се скандираше „Тие не се доктори, тие се убијци! Убијци, убијци!“, со свои рекации излегоа многу доктори како и Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари.
-Речиси никогаш, како тим, немаме реагирано на коментари и пишувања. Но, ова ги преминува сите граници. Ова не нѐ засега само нас, туку и сите наши колеги. Сите оние кои со изминативе две години спасуваат животи на тешко заболени од коронавирусот. Сите кои секојдневно ги жртвуваат своите животи, ги загрозуваат своите семејства и работат со пациенти заразени од коронавирус. Десетици колеги и починаа како последица на коронавирусот. Ова е „фала“? Извици со „убијци, убијци“?Ова е огромно разочарување, кое освен за медицинарите, е и за општеството. Секој има право на различно мислење, секој има право да си искаже како ги перципира состојбите, да се вакцинира или не.. Но не и на вакви карактеризирања. Никој не бил принуден на лекарски третман, туку секој сам се јавува на лекување. А за ние да лекуваме, сме го посветиле цел живот на образување кое трае и до денеска. Никој не бил натеран ниту на вакцинација, бидејќи секој сам си се изразува според негова воља.Туку каде се лекуваат овие лица за кои докторите се „убијци“? Ги повикуваме сите здруженија и институции на осуда на ваквото омаловажување на професијата и медицинарите, напиша на Фејсбук др Марија Михајлова.
Се огласи и Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари и ја повика Лекарската комора и Министерството за здравство да ја заштитат фелата.
-Најостро го осудуваме говорот на омраза кон докторите и сите здравствени работници кои и со живот го платија лекувањето на пациентите болни од Ковид. Ја повикуваме Лекарската Комора да си ја врши својата работа и да ги заштити сите наши колеги, а Министерство за здравство да ги заштити сите вработени. Доколку било кој наш колега биде нападнат или вознемирен од толпата која протестира ќе прекинеме да лекуваме и ние ќе излеземе на улица, информираат од Асоцијацијата.