Ноќта се спушти, а јавноста се уште е во исчекување дали опозициската ВМРО-ДПМНЕ може да обезбеди мнозинство од 61 пратеник за да може да продолжи собраниската седница за гласање на (не)доверба на Владата предводена од Зоран Заев. Додека трае потрагата на опозицијата по уште еден народен избраник, од партијата на Христијан Мицкоски нема абер за здравствената состојба на координаторот на пратеничката група Никола Мицевски и колешката Ангелинка Петкова кои болни од коронавирус околу осум часа чекаа во Собранието да започне седницата. Тие денеска пред почетокот, поради болеста и мерката изолација од Ковид 19, во Парламентот влегоа облечени во скафандери, со заштитни ракавици и маски и беа сместени во специјалните кабини.
За долгото отсутво од домашна изолација поради Ковид 19 и можните последици врз здравјето на Мицевски и Петкова „Локално“ разговараше со епидемилогот Никола Пановски. Тој посочи дека гласањето со скафандери е домашна измислица бидејќи лица кои можат да го пренесат вирусот треба да се или во болница или во домашна изолација.
-Скафандерите ги носат здравите луѓе за да не се заразат од болните кои треба да се во болница или, пак, дома во изолација. Нема логика болниот да се стави во скафандер, бидејќи тој вирусот го исфра од устата и од носот. Затоа ирелевантно е дали на нозете носат чизми или на рацете имаат ракавици. Тоа не е важно. Ако пратениците се сеуште во Собранието најдобро е целосно да бидат изолирани, во посебна просторија и без никаков контакт со другите луѓе. Во историјата не постои ниту еден случај, болен човек да биде ставен во скафандер. Зошто тогаш докторите и сестрите би носеле скафандери. Ќе ги носат заболените од коронавирус кои престојуваат во болниците, вели Пановски.
Во македонскиот парламент почна да се практикува гласање во скафандери откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ жестоко се бореше против он лајн седници. До сега во скафандери гласаа пратениците Арбен Зибери од ДУИ, Бисера Костадиновска од СДСМ и Мирослав Богдановски од ДОМ. Спикерот Талат Џафери тогаш изјави дека учеството на пратениците во скафандери на собраниската седница од посебна кабина е според протокол донесен уште од јули 2020 г., а дополнет во ноември истата година. Координаторот на ВМРО – ДПМНЕ Никола Мицевски кој најжестоко се бореше против електронскто гласање тогаш го обвини Џафери дека ги криши Деловникот и Уставот.
„Комисијата за заразни болести со ова ја поливате со фекалии. Како ќе ги убедиме граѓаните дека има пандемија и како да ги заштитиме кога вие сте првите тука кои не ги почитувате мерките“, говореше Мицевски.
ВМРО-ДПМНЕ и Левица до Основното јавно обвинителство поднесоа и кривични пријави против Џафери, Костадиновска и Богдановски бидејќи според нив тие направиле кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија и за пренесување заразна болест“. ОЈО ги отфли пријавите со образложение дека не е прекршен ниту еден пропис бидејќи и претседателот на Собранието и народните избраници постапувале според протоколите на Комисијата за заразни болести.
Денеска спикерот Џафери на почетокот на седницата за гласање на доверба на владата, изрази надеж дека „овој пат нема да има кривична пријава за биолошки тероризам“ при тоа тој уште еднаш укажа на потребата за онлајн работа на Собранието.
– Се надевам дека нема да има кривична пријава за биолошки тероризам овој пат. Веројатно, сите сме свесни што зборував пред година и пол за потребата од онлајн работа, рече Џафери.
Во здравствените протоколи на Комисијата за заразни болести нема насоки за тоа колку часови пратеник заболен од коронавирусот или, пак е во изолација може да престојува во Парламентот.
Протоколите единствено го регулираат пристигнувањето на пратеникот, кој мора да чека во возило, додека не му јават дека сите пратеници влегле во салата, а ако има повеќе пратеници во изолација, нивното влегување се одвива со временска дистанца од пет минути.
Доцна попладнево Мицевски и Петкова го напуштија Собранието со најава дека пак ќе се вратат на седница.
Б.Т.