Каде се ветувањата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ за инвестиции во чист воздух, прашува Шукова

од Nikola Popovski
37 прегледи

Шест месеци како власта на ДПМНЕ ја презеде одговорноста за жал гледаме дека нешто сериозно не се презема. Граѓаните се оставени сами на себе. Скопје, главниот град на нашата држава, повторно е на листата на најзагадени градови во светот. Според извештаите на УНИЦЕФ, граѓаните на Скопје, Тетово, Куманово и Велес дишат загаден воздух повеќе од 3 месеци. Светската банка, пак, алармира дека загадувањето годишно убива 2.800 наши сограѓани, обвини денеска портпаролката на СДСМ, Каја Шукова за проблемите со загадениот воздух во државата.

Екс-министерката прашува каде се ветувањата на премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.

-Кога беа во опозиција, најавуваа 1 милијарда евра за инвестиции во чист воздух и намалување на загадувањето за 50%. Тие ветувања денеска се покажаа како една голема лага. За споредба, Владата на СДСМ преземаше низа на мерки во борба против загадувањето на воздухот. Почнувајќи од стратешките инвестиции во гасификацијата, проектите за еколошки јавен транспорт, конкретни мерки за финансирање на замена на нееколошки системи во домаќинството, јавните установи, градинки, училишта, мониторинг системи и така натаму, наведе Шукова.

Според неа, фактите говорат дека просечните годишни концентрации на најкритичната загадувачка честичка PM10 и PM 2.5 во последните пет години (2020-2024) се намалија како резултат на успешно преземените мерки и инвестиции, и тоа е евидентно од податоците на  државниот мониторинг-систем.

-Некои мерки што сега се презентираат како „нови“ од сегашната Влада се всушност продолжение на нашите успешно спроведени политики. На пример: Мерката за „квалитетно огревно дрво“ беше воведена од СДСМ и поддржана со интензивни медиумски кампањи со наслов „Топли препораки“

-Субвенциите за замена на нееколошките системи за греење со инвертер клими и други еколошки опции се доделуваат веќе години наназад

-Градот Скопје уште во 2020 година воведе бесплатна услуга за отстранување на остатоци од бербата за да се спречи палењето стрништа.

Дополнително, за реализација на програмата за воздух, во буџетите од 2019 до 2021 година беа издвоени и успешно реализирани повеќе од 300 милиони денари. Парите се реализираа во општините низ државата за замена на нееколошките системи за затоплување и енергетска ефикасност во јавни објекти, рече потпретседателката на прес-конференција. 

Пред Министерството за животна средина денеска напладне ќе се одржи нов протест за право на чист воздух. Оттаму маршот ќе продолжи кон Собранието, пред Владата и ќе заврши пред Град Скопје.

-Мораме да ја симнеме земјата од врвот на црната листа на Европската агенција за животна средина, во која Македонија е на врвот со највисока стапка на загубени животи поради изложеност на штетните Пи-ем 2,5 честички, велат организаторите.

Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека започнуваат зајакнати контроли на возилата. Па така, сообраќајната полиција ќе спроведе засилени и вонредни контроли на возилата со цел утврдување на техничката исправност на возилата за емисијата на испусните гасови. Ова ќе помогне во намалување на загадувањето од сообраќајот.

Се воведува посебен сообраќаен режим за тешки товарни возила: Општините и Градот Скопје, во соработка со Министерството за внатрешни работи, ќе обезбедат посебни сообраќајни режими за тешките товарни возила, насочувајќи ги кон обиколни патишта со цел да се намали сообраќајот во урбаните средини.

Исто така на сила е забрана за дотур на стока и транспорт на градежни машини: Општините и Градот Скопје ќе воведат забрана за дотур на стока и транспорт на градежни машини како што се багери, булдожери и виљушкари во периодот од 7:30 до 18 часот. Оваа мерка е со цел да се намали сообраќајниот метеж и емисиите во најфреквентните часови. Министерството за внатрешни работи е задолжено да изврши контрола на спроведувањето на оваа мерка.

Слични содржини