Откако чеченскиот лидер Рамзан Кадиров изрази поддршка за Палестинците, Кремљ соопшти дека Русија одржува дипломатски врски со двете земји вклучени во конфликтот.
„Имаме долгогодишни историски врски со Палестинците, продолжуваме да негуваме контакти, вклучително и на високо ниво. Но, во исто време имаме односи со државата Израел, со која исто така имаме многу заедничко, особено голем број наши сонародници кои живеат во оваа држава“, рече портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков. „Затоа, во овој случај ги одржуваме односите со двете страни“, додаде тој.
На прашањето за природата на руската поддршка за Палестинците, Песков рече дека Москва е активно вклучена во дипломатските напори и учествува во различни формати барајќи основа за решение.
„Ние имаме намера да продолжиме да вложуваме напори и да играме улога во помагањето да се најде начин за решение“, рече тој.
Во видеото објавено вчера, Кадиров ја изразува својата „целосна поддршка“ за Палестинците и предложи распоредување на неговите „мировни“ сили во мисија за решавање на конфликтот во Израел. Кадиров ги повика и „исламските, муслиманските и арапските земји да дадат заедничка изјава во одбрана на своите браќа муслимани“ и ги обвини Западот и Европа за конфликтот во Израел.
Претходно денеска Песков изрази значителна загриженост поради ескалацијата на израелско-палестинскиот конфликт и повика на мирно решение.