Чеченскиот лидер Рамзан Кадиров се огласи на Телеграм каде ја коментираше ситуацијата на Косово и Србија. Тој напиша дека станува збор за „многу сложена ситуација во која има трета страна, онаа на поттикнувачот – НАТО“.
„По ова прашање не може да се застане ниту на страна на Србите, ниту на Косовците. Но постои недвосмислен и единствен став што треба да го заземат и едните и другите. Тоа не е поврзано со политика, туку со вера“, напиша Кадиров на Телеграм.
Кадиров напиша дека Србија е земја која отворено ја поддржува Русија, како што вели, „во борбата против нацизмот и сатанизмот во Украина“.
„Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кого добро го познавам, многу добро разбира што е НАТО и кои методи ги користи за поттикнување конфликти. Цело НАТО се обидува да ги корумпира земјите со традиционални вредности во куп зли луѓе без вера и чест. Западните сојузници, сфаќајќи дека нивните планови пропаѓаат во Украина, решија да се борат против зараснувањето на раните на Балканот.
Уште понавредливо е што на едната страна, која НАТО ја поттикнува, се косовските муслимани. Официјалната причина за конфликтот е толку смешна и банална што нема сомнеж за мешање однадвор. Пред двете страни да имаат време да разговараат за било што, НАТО веќе прогласува борбена готовност и ги повлекува своите сили на границата.
Додека Балканот се бори меѓу себе, Западот ќе им дава оружје и ќе живее во мир. Запомнете, за приврзаниците на сатаната е корисно да се судираат со верниците под каков било изговор“, порача Кадиров.
Тој ги повика Србите и косовските Албанци да го тргнат НАТО од својата равенка и да размислуваат за иднината, наведувајќи дека „нема соживот со интервенционистите на НАТО“.