Кадриески бил прегледан во Софија, нема опасност по неговиот живот

од Nikola Popovski
526 прегледи

Здравствената состојба на копретседателот на здружението на Бугари „Шемето“ од Струга, Бекир Кадриески е стабилна и нема опасност по неговиот живот. Ова го соопштиле прес-центарот на софиската Воено-медицинска академија (ВМА).

Како што информираат бугарските медиуми, по приемот во болницата, направени биле сите потребни тестови и консултации за да се разјасни неговата состојба.

Кадриески по сопствена желба пристигна во Бугарија за да се лекува. Тој беше нападнат на 13 јуни во Струга, а како што изјавил во полиција, неговите напаѓачи почнале да го навредуваат и го удирале во стомакот.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски веќе соопшти дека напаѓачот на Кадриески е идентификуван и приведен. МВР случајот го утврди како „нарушување на јавниот ред и мир“. „На 13.06.2023 година во 12.15 часот во ОВР Струга било пријавено дека во близина на спортска сала лоцирана на улица „Боро Хаџиески“ во Струга, А.Н. од струшкото село Велешта го нарушил јавниот ред и спокој со физички напад врз Б.К од село Лабуништа. Се преземаат мерки за расветлување на околностите на случајот, по што СВР Струга ќе издаде соодветна пријава“, се вели во соопштението на македонското МВР.

Самиот Кадриески вели дека немал блиски односи со напаѓачот, додека приведениот тврди дека двајцата имале нерасчистени сметки од претходно.

Кадриески е државјанин на Македонија. Тој нема бугарски пасош, но тврди дека има бугарски идентитет.

Слични содржини