„Апсолутно не постои човек во државата што не знае што се случува и кој е обидот со приведувањето на новинарот Салиу. Покажувањето на вистината и документите со кои се потврди она што го кажуваме, дека ВМРО-ДПМНЕ се обидува да презентира лажни анкети со цел да направи некаква перцепција за победник се покажа. А сега ова е обид за спречување на новинарот“ рече портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски во „Само вистина“ на Канал 5.
Тој додаде дека дури и во техничка влада, со ВМРО-ДПМНЕ на чело на МВР и во април мириса на режим.
„Тоа е нешто што беше пракса во минатото и што се случуваше постојано кога ВМРО-ДПМНЕ практицираше власт. Од таа причина побаравме првенствено институциите да ја завршат работата, да дадат извештај и да има одговорност за случајот, затоа што обидот за замолчување на медиумите е работа која не е добра во еден демократски свет“ рече Каевски.
Соговорничката на Каевски во „Само вистина“ Жаклина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека новинарот Салиу попречувал полициска акција, по што Каевски запраша зошто тогаш немаше слична реакција за бодигардот на Мицкоски.
„Бодигардот на Мицкоски спречи акција за пронаѓање наркотични средства и таму не видов примена на ЕБР, да ги легнат со лисици. Тогаш имавме информација дека тој слободно дошол во станица да дава изјава“ рече Каевски.
Тој исто така запраша зошто нема слична реакција на полицијата и со еден од пејачите на кампањата на ВМРО-ДПМНЕ, кој ги навредувал, омаловажувал и им се заканувал на полицијата што ќе им прави по 8 мај.
„Мора да заврши таа матрица на постаување режим“ потенцираше Каевски.