Пратеникот и лидер на Демократската партија на Србите, Иван Стоилковиќ му замерува на пратеникот и портпарол на СДСМ, Дарко Каевски за гласањето во ПССЕ за препораката за прием на Косово во Советот на Европа.
„Еве го Србинот Дарко Каевски – Кајевиќ, кој по којзнае кој пат, поради проклети валкани пари, гласаше против Србија. Поздравете го сочно кога ќе го сретнете на улица“, објави Стоилковиќ на социјалните мрежи.
Од листата на гласање може да се види дека меѓу пратениците што дале поддршка за извештајот се и двајца претставници од Македонија при Советот на Европа – покрај Каевски и Арта Билали-Зендели од ДУИ. Од ДУИ соопштија дека пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски и неговиот заменик Владо Мисајловски не отпатувале во Стразбур и не присустувале на седницата на ПССЕ.
За прием на Косово во Советот на Европа гласаа 131 од 171 присутен член на ПС на СE. Од 29-те претставници кои гласаа против препораката за членство, осум се од Шпанија, а седум се члена на српската делегација.
Парламентарното собрание на Советот на Европа ќе испрати препорака за прием до Комитетот на министри за надворешни работи, кој ја донесува конечната одлука со двотретинско мнозинство од министрите или амбасадорите кои ги претставуваат и кои се присутни во моментот на гласањето.
Состанокот на Комитетот на министри треба да се одржи од 16 до 17 мај во Стразбур.