Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, во неговото гостување на „Само вистина“ на Канал 5, на прашање на водителката го коментираше предлогот на премиерот Оливер Спасовски за разрешување на техничката министерка Мизрахи.
Според Каевски, однесувањето на Мизрахи и играњето со таблата е „инцидент кој ја загрозува европската интеграција на нашата земја“.
„Секој којшто не го почитува Уставот не е достоен да ја врши таа фунцкија. Ја почитуваат додавката Северна само кога треба да добијат плата, ако не е тоа дневно политиканство, во најмала мера, треба да се откажат и од платата и од сите бенефиции кои што ги има како министер. Ако е достојна министерката нека се откаже од нејзината плата, нека се откаже од нејзиниот шофер, од возилото коешто патем го користи за партиски состаноци, партиски цели, дури и ДКСК јавно излезе и укажа дека не треба да се користат владините ресурси за партиски цели. Ние како СДСМ ги почитуваме сите тие принципи а од друга страна имаме министерка која што буквално ги крши и во најмала мера ги злоупотребува“, истакна Каевски.
Најголем апсурд што се случува, според него, е што пратениците на ВМРО ДПМНЕ во Собрание гласаа за ратификацијата на државава да биде дел од НАТО, а од друга страна се случуваат вакви инциденти.
– За нив можеби се мали, но суштински се многу важни инциденти, кои што ја загрозуваат перспективата на нашата држава, рече првиот човек на Агенцијата за млади и спорт.