Портпаролот и пратеник на СДСМ, Дарко Каевски денеска го обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека заедно со неговата партија ја плашеле јавноста со наводно распродавање на македонскиот јазик, македонскиот идентитет и историја и дека лажеле за некаква асимилација и бугаризација на државата.
-Тоа е срамно, неодговорно и антидржавно однесување на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. По сето тоа, најмалку што можат да направат во Белиот дворец е да им се извинат на граѓаните за тешките лаги што ги пласираа, а потоа и да побараат одговорност од Мицкоски, побара Каевски на прес-конференција.
И покрај крајно неодговорниот однос на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, Каевски потенцира дека СДСМ преку Владата и парламентарното мнозинство ќе продолжи да ги брани државните позиции и национални интереси, но и да работи на обезбедување на европската иднина на државата како клучна стратешка цел.